Ахроматски колажни релјефи се претставени на изложбата „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин
Самостојната изложба со наслов „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин на 11 јуни, во 20 часот, ќе биде отворена во Продажен ликовен салон при Културно-информативниот центар – Скопје. Изложбата ќе биде поставена до 24 јуни 2026 година.
Препорачано
Изложбата со наслов „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин се состои од ахроматски колажни релјефи изработени од архивска fine art хартија од брендот Hahnemühle.
Со користење на едноставни геометриски парчиња Тонкин создава комплексни структури и композиции кои дискретно, поради дебелината и нивната поставеност на површината, растат во длабочина. Сенката која ја фрла хартијата станува рамноправен чинител во доживувањето на овие дела, и токму тоа ја прави динамиката во отсуство на боја.
На тој начин апстрактната геометрија која се создава преку овие формации добива димензија на простор, што наведува создавање и на асоцијативни композиции кои реферираат на ентериери, но и на пејзажни сцени. Ако релјефот е асоцијација за простор, тогаш белината и отсуството на боја е асоцијација за отсуство на звук, односно на тишина.
Оттаму, изложбата „Простор – тишина“ има за цел да го води гледачот во имагинарни простори, каде низ тишината треба да прозвучи неговата лична интерпретација на делата.
Авторот Ненад Тонкин (1978, Скопје) е магистер по ликовни уметности, област скулптура. Има завршено додипломски студии на Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со подгрупа сценографија. Има завршено и додипломски студии на Педагошки факултет во Скопје, отсек предучилишно воспитание.
Реализирал девет самостојни и повеќе групни изложби во земјата и во странство. Освен скулптури, работи и дизајн и изработка на театарска сценографија, цртежи, инсталации и мурално сликарство.
Работел како воспитувач во градинка и како предметен наставник по ликовно образование во основно училиште. Основач е и бил член на музичката група „Bei The Fish“. Има компонирано музика за десетина театарски претстави, а издава и своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem.


