Актери, пејачи и модни креатори се апсат за дрога во Турција, меѓу нив е и славната актерка Берен Сат
Турската естрадна и актерска сцена е потресена од нов, масовен бран апсења како дел од широката истрага за злоупотреба и трговија со дрога – уапсени се вкупно 22-ца осомничени, меѓу кои и познати пејачи, модни креатори, берзански брокери, актери, режисери и аранжери, а издадени се и потерници за петмина осомничени, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Меѓу уапсените се и регионално популарната актерка Берен Сат (позната по улогите во сериите „Забрането овошје“ и „Изгубена чест“, нејзиниот сопруг и познат пејач Кенан Догулу и неговиот брат, музичкиот аранжер Озан Догулу.
View this post on Instagram
По извршениот задолжителен лекарски преглед, приведените ѕвезди се префрлени во седиштето на Управата за борба против наркотици во истанбулскиот округ Кучукчекмеџе поради земање официјални изјави.
Според информациите од медиумите, истрагата забрзано се шири. Налози за апсење се издадени и за уште неколку исклучително познати имиња од турската јавна сцена, меѓу кои пејачката Ајше Хатун Онал, поп-фолк пејачот Бердан Мардини, познатиот инфлуенсер и пејач Керимџан Дурмаз, како и популарниот актер Енис Арикан.
Ова е втор голем удар на турската полиција на естрадните кругови за краток временски период. Во претходната фаза од операцијата, која беше спроведена на 21 мај, под лупата на истражителите се најдоа популарниот кантавтор Мабел Матиз, како и една од најпознатите турски актерки од помладата генерација, Серенај Сарикаја. Од нив беа земени примероци од крвта, косата и урината за токсиколошки анализи за присуство на нелегални супстанции.
View this post on Instagram
Ригорозни закони: Што ги очекува приведените?
Турското законодавство има исклучително рестриктивен и ригорозен пристап кога станува збор за опојни дроги. Турскиот кривичен законик строго и одделно санкционира три категории на дела: консумирање (употреба), поттикнување на употреба и трговија со наркотици.
Кривичното дело употреба на дрога вклучува купување, прифаќање, поседување или само консумирање на наркотици и стимуланси за лична употреба. За ова кривично дело се добива повеќегодишна казна затвор, иако судот во одредени случаи првите прекршоци може да одреди мерки за задолжително лекување и условна слобода.
Меѓутоа, ако истрагата покаже дека притворените учествувале во препродажба или поттикнување на други да консумираат, тие се соочуваат со драстично потешки затворски казни.
Одбрана на славните: „Ни го уништуваат угледот“
Од друга страна, многу познати личности кои беа цел на оваа истрага остро реагираат во јавноста. Тие и нивните правни тимови тврдат дека со ваквите радикални полициски акции трајно им е нарушен угледот, како и дека презумпцијата на невиност е грубо прекршена во медиумите пред дури и да пристигнат резултатите од тестовите.
Дека нивните обвинувања имаат тежина покажува и фактот дека во текот на претходните, слични полициски акции на турската естрада, тестовите за дрога на повеќето притворени јавни личности на крајот биле негативни.


