„Голем Бадентер“ против „мал Бадентер“ — aлбанската опозиција сака со жив штит да го блокира законот за правична застапеност

Меѓу сценаријата што ДУИ ги разгледува за блокада на законот за правична застапеност се и протести пред Собранието, но и жив штит од пратеници пред пленарната сала при финалното усвојување на законот. Сепак, од ДУИ велат дека тоа се крајни опции, бидејќи се ризични.

„Голем Бадентер“ против „мал Бадентер“, е сценариото на ДУИ и на албанските опозициски партии за блокада на законот за правична застапеност, брифираат за „Слободен печат“ функционери од ДУИ.

Сценариото вклучува и предлагање амандмани во расправата за законот, а како крајна опција не се исклучува можноста од протести пред Собранието и жив штит од пратеници пред пленарната сала.

ДУИ најави дека ќе го блокира носењето на законот за правична застапеност со сите демократски механизми откако Комитетот за меѓуетнички односи одлучи тој да биде донесен со т.н. „мал Бадентер“ (мнозинство од присутните пратеници од немнозинските заедници) и дека Предлог-законот не содржи етнички квоти при вработување на административците и нема санкции за институциите што нема да го почитуваат законот.

– Ќе поднесеме три или четири суштински амандмани за да укажеме дека Предлог-законот е противуставен, односно дека урива еден од столбовите на Рамковниот договор. Ако власта не ги прифати амандманите, тогаш носењето на законот ќе го блокираме преку Бадентеровиот принцип на гласање – ни рече функционер од ДУИ.

Бидејќи власта одлучи законот да се носи со „мал Бадентер“, пратениците од албанскиот опозициски блок ќе обезбедат „голем Бадентер“ – мнозинство од вкупниот број пратеници од заедниците и со тоа законот ќе нема мнозинство за да помине, односно повеќето од пратениците од заедниците ќе гласаат против. Во актуелниот собраниски состав има 40 пратеници од заедниците. Европскиот фронт има 12 пратеника што заедно со пратениците од Алијансата за Албанците и тие од Албанската лига бројат 19 пратеника.
Според ДУИ, против законот за правична застапеност ќе гласаат и независниот пратеник Илир Демири, потоа Фатмир Битиќи од СДСМ и Бејџан Иљас од турската ДПТ, дури може и Митко Трајчулески од СДСМ да им се придружи, или вкупно 22 или 23 пратеници. Ова значи дека ако на пленарната седница бидат присутни сите опозициски пратеници од заедниците, владејачката Вреди не ќе може да обезбеди „мал Бадентер“, бидејќи опозицијата ќе има мнозинство гласови од немнозинските заедници и законот нема да помине.

– Гласањето според Бадентеровиот принцип не случајно е дел од Рамковниот договор, односно од Уставот. Тој е механизам со кој Албанците и другите заедници може да стават вето на закони што мајоризираат, за тие да не поминат, како во случајов со законот за правична застапеност – велат од ДУИ.

Протестите пред Собранието се последна опција

Меѓу сценаријата што ДУИ ги разгледува за блокада на законот за правична застапеност се и протести пред Собранието, но и жив штит од пратеници пред пленарната сала при финалното усвојување на законот. Сепак, од ДУИ велат дека тоа се крајни опции, бидејќи се ризични. Ако се оди на протести, тие би се одржале на денот на гласање на законот, паралелно со штитот од пратеници што би се обиделе да ги спречат колегите од власта да влезат во пленарната сала.

Од партијата на Али Ахмети велат дека прво ќе се обидат да ги убедат колегите од власта дека законот треба да се подобри со амандмани и преку јавната расправа за законот, на која очекуваат и експерти да укажат како да се коригира законското решение. Јавната расправа за законот за правична застапеност е закажана за 15 јуни.

ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците се против законот за правична застапеност, бидејќи не се нуди задолжителен механизам при вработување на заедниците, без законски гаранции, без санкции за непочитување на правичната застапеност. Според албанскиот опозициски блок, законот за правична застапеност ги враќа Албанците во времето пред 2001 година кога нивната застапеност во институциите била два отсто.

За Вреди законот воспоставува јасна институционална рамка

Владејачката Вреди, пак, смета дека законот за правична застапеност е системско решение за зајакнување на еднаквоста и мултиетничкиот карактер на државата. Првиот вицепремиер Беким Сали на Комисијата за политички систем рече дека со ова решение се воспоставува јасна институционална рамка, заснована на реални податоци, конкретни потреби на институциите и ефикасни механизми за следење на спроведувањето на правичната застапеност.

– Законот предвидува правичната и соодветната застапеност да биде законска обврска за јавните институции, обезбедува еднаков третман за сите заедници и гарантира почитување на принципите на еднаквост, инклузивност и еднакви можности. Законот предвидува механизми за следење на неговото спроведување, заштита на правото на слободно самоизјаснување и спречување на злоупотреби, со цел зајакнување на довербата во јавните институции и унапредување на општествената кохезија – рече Сали.

Според законот, личната карта треба да биде гаранција дека ќе нема злоупотреба на етничката припадност при вработувања во јавната администрација. Битно е и дека при вработувањето на новите административци, приоритет ќе имаат квалификациите и стручноста на кандидатот, а дури потоа припадноста на некој етникум. Контрола дали институциите го почитуваат законот, ќе врши специјално координативно тело, формирано од Владата.

Со лична карта ќе се спречуваат злоупотребите при етничките вработувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот