Се бараат уште докази дали на Водно се шпионирало — истражителите на Обвинителството и на МВР седнале на иста маса
По приемот и анализата на целокупната документација и дополнителните информации, Обвинителството ќе ги преземе сите дејствија во согласност со своите законски надлежности и ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука“, велат од ОЈОГОКК за „Слободен печат“.
Наводната шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги седна на иста маса истражителите на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈОГОКК), откако МВР по неколку месеци, на почетокот на јуни конечно им ги доставило видеоснимките од претседателскиот кабинет и анализите од обезбедените материјали од компјутерите од претседателскиот кабинет.
Препорачано
Но, на оваа средба било договорено прибирање дополнителни податоци за да се добиела целосна слика за фактичката состојба.
„До Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е доставен извештај со анализа во согласност со наредбите на јавниот обвинител. Во меѓувреме е одржана и работна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, на која е договорено прибирање дополнителни информации и податоци потребни за целосно утврдување на фактичката состојба. По приемот и анализата на целокупната документација и дополнителните информации, Обвинителството ќе ги преземе сите дејствија според своите законски надлежности и ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од ОЈОГОКК за „Слободен печат“.
„Шпионски талог“ ги ширел сомнежите за аферата за шпионажа, а Абази создавал паника, вели Мицкоски
Претходно, на почетокот на јуни, од МВР за „Слободен печат“ одговорија дека доставиле сè што им побарале од Обвинителство.
– Во врска со случајот за кој прашувате доставено е известување со целокупниот доказен материјал до ОЈОГОКК – рекоа од МВР за „Слободен печат“.
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, пак, очекува набргу да има јавнообвинителска одлука.
– Она што е последно е дека имаше состанок меѓу истражителите на МВР и тимот на истражители што работи на овој случај, а е во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на кој и јас присуствував. Се направи еден план за понатамошни истражни дејствија. Според она што имав увид да се запознаам и од надлежниот јавен обвинител и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза, така што сметам дека во скоро време би имало јавно обвинителска одлука во врска со тој случај – рече Савески.
Тоа значи дека обвинителството треба да донесе одлука дали ќе има истрага за овој случај.
Одговорот од Обвинителството за оваа афера што се откри со анонимен допис во кој имаше остра критика до МВР дека со месеци не ги предава снимките и анализите на материјалите што наводно ги собрал компјутерскиот техничар од мрежата на претседателскиот кабинет, предизвика јавен „судир“ меѓу МВР и Обвинителството на чие чело е Ислам Абази.
Првата наредба за анализа на дел од екстрахираниот доказен материјал Обвинителството ја доставило до Секторот за компјутерски криминал во МВР уште на 30 декември минатата година, а последната наредба е издадена на 25 март оваа година. Со последната наредба се бара анализа на сите собрани податоци од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците од компјутерската опрема обработена во истражниот центар на ОЈОГОКК.
Неовластениот упад во компјутерскиот систем се случил на 25 ноември лани, пријавен бил директно во МВР на 18 декември, а Секторот за компјутерски криминал половина година не дал одговор што се случувало со компјутерската мрежа на претседателката, која е и истовремено и врховен командант на членка на НАТО.
Инаку, осомничениот информатичар бил во претседателскиот кабинет уште во далечната 2012-2013 година, кога се пензионирал како припадник на елитната армиска единица „Волци“, односно бил преземен од Кабинетот во времето кога аѓутант на тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше генерал Васко Ѓурчиновски.
По откривањето на овој случај, Сиљановска-Давкова беше збунета од постапките на Обвинителството, Мицкоски бараше да се заборави случајот и најавува дека ќе им дојде крај на некои обвинители, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски директно ја нападна обвинителката Катерина Коларевиќ, која го води овој случај, но претходно го затвори случајот со злоупотребите на мазутот.
Со информација излезе и Агенцијата за национална безбедност дека првично утврдиле дека немало шпионажа во претседателскиот кабинет.


