Македонија се спрема за новата сезона на пожари со три авиони, со пензионери и со донирана опрема
Огнената стихија во Штип и официјално ја отвори сезоната на пожари, во која влегуваме со нов сет политички ветувања, бригади што кубурат со пожарникари и со „ер-трактори“ кои можат да се избројат со прстите на едната рака.
Драматична борба со огнот во Штип — кога градоначалникот побара помош од Свети Николе, Кочани и Кавадарци за гаснење на пожарот кој изби над градот и се прошири на ридовите над штипските гробишта — навести дека летово ќе треба многу повеќе од стандарните мерки и дотраената опрема за справување со надоаѓачките огнови на отворено, во обид да се спасат што е можно повеќе македонски шуми.
Препорачано
Како и ланската година, пред да изгорат големи количества дрвја, премиерот Христијан Мицкоски смирува и ветува. Тврди дека сме „поподготвени за справување со евентуалните пожари“, нагласувајќи дека се преземени превентивни и оперативни мерки пред летната сезона.
„Сите три воздухоплови (авиони ‘ер-трактори’) се сервисирани навреме. Не знам дали денеска конкретно, но до вчера информацијата беше дека се во Загреб – не можеа да полетат поради временските неприлики. Очекувам денеска, ако веќе и вчера не се стигнати. Направено е сервисирање комплетно на сите возила воени кои ги пренаменивме во возила за борба против огнените стихии“, посочи тој.
Според Мицкоски, Владата ги преземала сите мерки, но, вели тој, „факт е дека сезоната е таква каква што е, имавме прилично дождлива пролет, имаме голема висина на тревна површина“.
„Сега доаѓаат денови кога ќе се зголемува температурата, таа тревната површина ќе се суши и нормално ќе биде подложена на ваков тип на влијание“, изјави Мицкоски.
Ангелов бара помош од бивши полицајци, војници и пожарникари
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов ги повика поранешните припадници на полицијата, армијата и противпожарните единици да се вклучат во претстојната сезона на гаснење пожари.
„Станува збор за пензионирани полицајци или лица кои на друг начин ја напуштиле полицијата или Армијата, а кои ќе ракуваат со водните пумпи, односно со пумпите со кои се прскаат изгорените површини. За да немаме потреба од ангажирање локални пожарникари, бидејќи минатото лето на тие позиции поставувавме искусни пожарникари. Верувам дека по интензивната обука што ќе ја организираме и по учеството во помали и помалку ризични пожари, тие ќе стекнат доволно искуство“, рече Ангелов.
Стојанче Ангелов во потрага по пилоти на ер-трактори пред сезоната на пожари
Според првиот човек на ДЗС, во изминатите две години се набавени повеќе од 30 противпожарни возила и е зголемен бројот на пожарникари.
„Пожарите ќе почнат, но имаме доволно капацитети и нема потреба од паника. Проблемот настанува кога има голем број пожари во исто време. Се сеќавам на период кога имавме 66 пожари на отворен простор, а минатото лето бројката достигнуваше и до 45 или 46 пожари дневно“, рече Ангелов.
Хроничен недостаток на пожарникари
За разлика од Ангелов, командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски неодамна соопшти дека главниот град кубури со луѓе. Единицата моментално располага со 213 пожарникари, што е далеку помалку од законските стандарди – 384.
Дефицитот од 171 пожарникар, според Томевски е хроничен и постојано постоел, а од последната генерација има 20 нововработени кои сега треба да се обучуваат.
„Недостигот на вработени е хроничен. Потребата од дополнување ќе тече во текот на целата година, така што очекувам да дојдеме до некој оптимум за да бидеме ефикасни“, изјави Томевски пред некоја недела на Денот на пожарникарите.
Скопската противпожарна бригада кубури со персонал, недостасуваат 171 пожарникар
Во Тетово, пак, противпожарната единица е подобро спремна од минатото, но, сепак, недостасуваат опрема, возила и персонал. Друг проблем таму е што главно опремата доаѓа од донации, а не од државата.
„Тетовската противпожарна единица сега брои 77 пожарникари кои се вработени со решение, а имаме и 17 пожарникари со договор за дело. Но, и ова не е доволно, ни недостасуваат барем уште 30 пожарникари бидејќи Тетово и околните oпштини зафаќаат голема територија. Сакам да апелирам до државата повеќе да мисли за пожарникарите. Последната опрема што сме ја добиле од државата е во 2009 година“, рече неодамна Авни Амети, командир на Противпожарната бригада од Тетово.
Од 1 јули нова забрана за движење по шуми
Она што државата репризно го прави кога републиката е во пламен, е традиционалната забрана за движење по шуми, како една од главните мерки за справување со огнените јазици. Таа обично стапува на сила од 1 јули и трае до крајот на септември.
„Во Владата донесовме заклучок за забрана на движење во шуми од 1 јули, општините добија инструкции преку ЗЕЛС да се проверат сите колективни постапувачи, депонии и слично, дали ги исполнуват условите, ако не ги исполнуват, под итно да бидат санкционирани“, рече премиерот Мицкоски.
Планинарите и љубителите на шумите редовно ја критикуваат оваа мерка, сметајќи дека, наместо проблемот да се решава системски, тој само се одложува и се префрла во неурбанизираните делови во Македонија, ретките зелени локации каде што човек може да пешачи, да кампува или да одмора.
„Онаа држава која нема капацитет нешто да реши – тогаш забранува“, се честите коментари на планинарите.


