Скопската противпожарна бригада кубури со персонал, недостасуваат 171 пожарникар
При вчерашното одбележување на Денот на пожарникарите, командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски соопшти дека главниот град моментално располага со 213 пожарникари, што е далеку помалку од законските стандарди, според кои, треба да располага со 384.
Препорачано
Дефицитот од 171 пожарникар, според Томевски е хроничен и постојано постоел, а од последната генерација има 20 нововработени кои сега треба да се обучуваат.
„Недостигот на вработени е хроничен. Сега последната генерација има 20 нови вработени на кои им претстои преквалификација и обука. Потребата од дополнување ќе тече во текот на целата година, така што очекувам да дојдеме до некој оптимум за да бидеме ефикасни“, изјави Томевски.
Во однос на механизацијата, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека дел од опремата веќе е обновена и истакна дека неодамна е набавено ново противпожарно возило и две цистерни кои веќе се користат.
ЗЕЛС ќе формира кризен противпожарен штаб пред почетокот на летото
Исто така, на последната седница на ЗЕЛС се донесе одлука за формирање на противпожарен кризен штаб, кој, како што најави Ѓорѓиевски, ќе помогне за побрза координација помеѓу општините и надлежните институции при евентуалните случаи на летни пожари.
„Кризниот штаб ќе делува по региони, со цел во секое време да бидеме подготвени. Ако се случи пожар, да се знае кој и каде треба да интервенира. Мислам дека така ќе бидеме многу повеќе подготвени“, изјави Ѓорѓиевски.


