Стојанче Ангелов во потрага по пилоти на ер-трактори пред сезоната на пожари
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информира дека директорот Стојанче Ангелов е во потрага по пилоти на ер-трактори, пред да започне сезоната на пожари, па затоа се сретнал со Раде Ивановски, сопственик на компанијата „Римин Еар“, пензиониран пилот на комерцијални летови и инструктор.
Препорачано
„Со него разговараше за можности за основна обука на ер-трактори. Ангелов истовремено се сретна со тројца можни кандидати за пилоти на ер-трактори, кои имаат над 300 авиочасови во спортско летање. Притоа, тој имаше извидувачки лет со еден од кандидатите за пилот на ер- трактор, над Штипскиот Регион“, информираат од Дирекцијата.

Оттаму велат дека во овој момент ДЗС има пет пилоти на ер-трактор. Еден авион е сервисиран и оставен функционален на аеродром, а два се на сервис, кои се очекува да пристигнат сервисирани и подготвени за употреба во април, а најдоцна во мај.
Ангажирани уште двајца пилоти за гаснење пожари, сега има вкупно петмина со дозвола за „ер-трактор“
„Со тоа поподготвено ќе се пречека летната сезоната на пожари на отворено“, велат од ДЗС.
Дека земјата е подготвена за пожари беше тврдено и ланската сезона, пред да почнат летните горештини и земјата да ја зафатат десетици различни пожари.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш тврдеше дека е модернизирана застарената армиска и полициска опрема, вклучувајќи армиски и полициски хеликоптери, како и авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.


