Стевчо Јакимовски на 2 јули треба да оди во „Шутка“
Поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, на 2 јули треба да се јави во затворот „Скопје“ во Шутка. Овој датум, како што соопштија од Кривичниот суд, му го одредил судија за извршување на санкции од Кривичниот суд Скопје кој му издал упатен акт за издржување на казната затвор од една година која стана правосилна откако Апелациониот суд го потврди овој дел од казната.
Препорачано
Со оглед на тоа што Јакимовски бил пет месеци во притвор, а истрагата за бесправно градење на општинската зграда се води од 2018 година, Јакимовски треба да одлежи седум месеци в затвор.
Поранешниот градоначалникт ја нарече одлуката на судот „политичка“ и тврдеше дека е донесена за да не се кандидира за градоначалник на општината на новите избори кои ги прогнозира тој откако Сотир Лукровски замина на боледување.
Според Законот за извршување на санкции, упатниот акт на Јакимовски треба да му се достави лично. Тој потоа има право на жалба до кривичниот совет, но жалбата не го одложува извршувањето на решението.
Јакимовски може да бара одложување на извршувањето на казната ако се наоѓа на болничко лекување и неколку други основи кои ги предвидува Законот.
Досега Јакимовски се нема произнесено за упатниот акт за во Шутка.


