Комплекс „Македонско село“ / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Само домашна храна и вино и изворна музика: државата воведува нови ознаки за меаните и селските домаќинства

Туристичките работници оценуваат дека новите правила можат да бидат значајни за брендирање на Македонија како дестинација препознатлива по својата традиционална гастрономија и рурален туризам.

Слушај ја веста

Македонските меани и селски домаќинства добиваат нови правила и посебни ознаки, со кои ќе се гарантира нивната автентичност и традиционален карактер. Со измените на Законот за угостителска дејност се воведуваат нови критериуми за националните ресторани – меани, како и за селските домаќинства во руралните средини, со цел зачувување на македонската гастрономија, култура и туристичка понуда.

Една од најзначајните новини е воведувањето посебна ознака „национален ресторан – меана“, која ќе ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството. Ознаката ќе претставува официјална потврда дека угостителскиот објект нуди автентично македонско искуство и ги исполнува законски утврдените критериуми.

За да ја добие оваа ознака, ресторанот најнапред мора да има важечка категоризација. Освен тоа, најмалку 70 проценти од понудата во списокот за јадење ќе треба да биде составена од домашни традиционални јадења, додека интернационалните специјалитети ќе можат да бидат застапени во помал обем. Кај пијалаците, условот е уште построг – најмалку 80 проценти од понудата на вина и други пијалаци треба да биде од домашно производство.

Законот предвидува и обврска амбиентот на објектот да ја отсликува македонската традиција. Тоа значи употреба на природни материјали при уредувањето, како и поставување традиционални културни елементи, народни инструменти, носии, стари садови и друга покуќнина што ја претставува македонската историја и култура. И персоналот ќе треба да носи облека со традиционални мотиви, додека музиката што се изведува во објектот ќе мора да биде изворна и со акустичен звук.

Постапката за добивање на ознаката ќе ја спроведува петчлена комисија формирана од министерот надлежен за угостителство. Во неа ќе членуваат претставници на државната администрација, на Министерството за култура и туризам, на туристичките комори и на угостителскиот сектор. Комисијата ќе треба да донесе решение во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето, а издадената ознака ќе важи три години. Трошоците за постапката ќе ги сноси самиот угостител.

Нова ознака и за селските домаќинства

Покрај меаните, законските измени носат новини и за селските домаќинства што се занимаваат со рурален туризам. Досега тие работеа врз основа на категоризација пропишана со законот, но не постоеше дополнителна ознака со која ќе се потврдува нивната автентичност и поврзаност со локалната традиција.
Според досегашните законски решенија, во селските домаќинства може да се даваат услуги за сместување во најмногу 10 соби или до 20 легла. Покрај сместувањето, тие можат да подготвуваат и да послужуваат топли и ладни јадења, пијалаци и напивки главно од сопствено производство за најмногу 50 посетители истовремено.

Законот дозволува и организирање дегустации на вино и ракија, како и послужување храна од домашно производство во уредени затворени или отворени простори.
Со новите измени, по извршената категоризација, селските домаќинства ќе можат да добијат и посебна ознака што ќе потврдува дека ги исполнуваат стандардите за рурален туризам и традиционална понуда. Ознаката ќе ја издава надлежниот државен орган, а нејзината форма и содржина ќе бидат утврдени од министерот надлежен за угостителство.

За добивање на ова признание, домаќинствата ќе мора да исполнат неколку дополнителни услови. Освен важечката категоризација, тие ќе треба да обезбедат амбиент уреден со природни материјали и традиционални елементи од македонската култура. Во објектите ќе треба да бидат застапени предмети што ја претставуваат локалната традиција, како народни инструменти, носии, традиционални садови и други културни обележја.

Дополнително, храната и пијалаците што им се нудат на гостите ќе мора да бидат домашни и еколошки произведени. Со ова законодавецот има намера да го поттикне користењето на локални производи и да обезбеди автентично гастрономско искуство за туристите.
Постапката за доделување на ознаката ќе ја води посебна тричлена комисија составена од претставник на надлежниот орган за угостителство, претставник на туристичките комори и претставник од угостителското стопанство. И во овој случај решението ќе се носи во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето, а ознаката ќе важи три години. Трошоците за постапката ќе ги сноси носителот на селското домаќинство.

Нови правила за дискотеки, кабареа и апартмани за издавање, се удвојуваат давачките и казните

Поттик за руралниот туризам и заштита на традицијата

Со воведувањето на овие ознаки, институциите очекуваат да се зголеми квалитетот на туристичката понуда и да се создаде јасна разлика меѓу објектите што навистина нудат традиционално македонско искуство и оние што работат по комерцијални модели. Воедно, се очекува мерката да придонесе за поголема промоција на домашната кујна, македонските вина, локалните производи и културното наследство.

Туристичките работници оценуваат дека новите правила можат да бидат значаен чекор кон брендирање на Македонија како дестинација препознатлива по својата традиционална гастрономија и рурален туризам. Доколку критериумите се применуваат доследно, посетителите ќе имаат поголема сигурност дека зад ознаката стои автентична понуда што ја претставува македонската традиција во нејзината изворна форма.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот