Милијарди за акционерите, трошки за климатските инвестиции
Извештајот на Оксфам покажува дека најголемите европски компании многу повеќе пари исплаќаат на акционери и менаџери отколку што инвестираат во еколошката транзиција, додека истовремено расте јазот меѓу богатите и сиромашните. Организацијата бара построги правила за платите на директорите, оданочувањето на екстра добивките и ограничување на корпоративното влијание врз политиката.
Извештајот на Оксфам покажува дека најголемите европски компании многу повеќе пари исплаќаат на акционери и на менаџери отколку што инвестираат во еколошката транзиција, додека истовремено расте јазот меѓу богатите и сиромашните. Организацијата бара построги правила за платите на директорите, оданочувањето на екстра добивките и ограничување на корпоративното влијание врз политиката.
Препорачано
Големите европски компании исплаќаат сѐ поголеми суми за дивиденди и за награди за раководствата, додека, пак, значително помалку средства насочуваат кон еколошката трансформација и намалувањето на општествените разлики.
Ова го покажува новиот извештај на Оксфам, кој анализирал сто водечки европски концерни во периодот од 2022 до 2024 година.
Според организацијата, начинот на кој дел од најголемите компании ги распределуваат своите добивки придонесува за продлабочување на нееднаквоста, зголемување на концентрацијата на богатството и забавување на климатските политики во Европа.
Анализата опфаќа податоци за профитот, дивидендите, платите на директорите, родовите разлики во примањата и корпоративното влијание врз политичките процеси. Заклучокот е дека добивките растат побргу од инвестициите кои би можеле да придонесат за поодржлива економија и поправедна распределба на приходите.
Податоци за дивиденди и еколошки инвестиции
Извештајот покажува дека меѓу 2022 и 2024 година акционерите на сто анализирани европски компании добиле повеќе од две третини од остварената добивка преку дивиденди. Особено впечатлив е податокот дека шест компании исплатиле дивиденди и покрај тоа што работеле со загуба во текот на 2024 година. Меѓу нив се германскиот фармацевтски и хемиски концерн Баер и швајцарската рударска компанија Гленкор.
Според Оксфам, речиси половина од анализираните концерни во 2024 година им исплатиле дури 32 пати повеќе средства на акционерите отколку што инвестирале во еколошкиот преод, односно во мерки за намалување на емисиите и со воведување почисти производствени процеси. Сто компании заедно биле одговорни за околу 26 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид.
Иако вкупните директни емисии кај поголем дел од компаниите се намалиле во споредба со 2022 година, поединечни концерни како Луфтханза и Тусенкруп забележале раст на сопствените емисии. Оксфам оценува дека ова покажува недоволна подготвеност на дел од корпоративниот сектор да вложува во долгорочни климатски решенија и во модернизација на производството.
Голем јаз меѓу директорите и вработените
Оксфам нотира и значителни разлики во примањата меѓу највисокото раководство и обичните работници. Во 2024 година извршните директори во просек заработувале седумдесет и осум пати повеќе од просечниот приход во компаниите кои биле опфатени со анализата.
Од Австрија во извештајот била вклучена компанијата ОМВ. Извештајот покажува и разлики меѓу мажите и жените во платите. Просечниот родов јаз во германските компании достигнал околу 16 проценти, што е над европскиот просек од единаесет проценти. Најголем родов јаз е регистриран во Дојче Банк, каде разликата изнесувала околу 39 проценти. Дополнително, само 18 од сто компании објавиле податоци за трошоците за лобирање и политички донации.
Просечната сума изнесувала 1,4 милиони евра, додека Баер со 15,1 милиони евра бил компанијата со најголеми пријавени трошоци за лобирање во 2024 година. Според авторите на извештајот, ваквите податоци укажуваат на силна концентрација на економска и политичка моќ кај најголемите корпорации. Истовремено, ограничената транспарентност околу финансирањето на политички активности го отежнува увидот во вистинскиот обем на корпоративното влијание врз јавните политики.
Повик за реформи и растечка нееднаквост
Извештајот е објавен во период кога Европската Унија и некои национални влади разгледуваат олеснување на дел од социјалните и еколошките правила со цел зајакнување на конкурентноста.
Оксфам предупредува дека ваквиот пристап може дополнително да ги ослабне механизмите за контрола на корпоративното влијание. Организацијата предлага ограничување на односот меѓу платата на извршните директори и медијалната плата во компаниите на најмногу дваесет спрема еден.
Исто така, се бара враќање на повисоки стапки на данок на добивка, воведување траен данок од најмалку 50 проценти на екстра добивките и построга регулација на лобирањето. Во делот за климатските политики се препорачува зајакнување на европскиот систем за тргување со емисии и побрзо спроведување на директивата за транспарентност на платите. Според Оксфам, Германија и Австрија заостануваат во примената на овие правила.
Организацијата потсетува и на глобалните трендови на растечка нееднаквост. На почетокот на 2026 година богатството на милијардерите достигнало историски рекорд, зголемувајќи се за четири билиони американски долари во рок од една година.
Најсиромашната половина од човештвото располага со само 0,52 проценти од светското богатство, додека, пак, најбогатиот еден процент контролира 43,8 проценти.
Светските дивиденди во 2025 година достигнале рекордни 2,1 билион американски долари, што претставува раст од седум проценти во однос на претходната година.
Според Оксфам, овие показатели покажуваат дека економските придобивки од растот се концентрираат кај мал број сопственици на капитал, додека голем дел од населението не учествува рамноправно во создаденото богатство.


