Фото: Икс

Илјадници Албанци бараа оставка од Рама на најмасовниот протест досега — не го поштедија ни Бериша

Илјадници Албанци вчера излегоа на масовен протест, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, објави „Еуроњуз“.

Протестите во Албанија прераснаа во пошироко антисистемско движење, при што демонстрантите ги обвинуваат и владата и опозициските партии дека не успеваат да се справат со политичките и економските предизвици во земјата.

Демонстрантите се собраа на плоштадот „Скендербег“ во главниот град Тирана, од каде маршираа кон парламентот, скандирајќи „Рама во затвор, Бериша во затвор“, мислејќи на Сали Бериша, поранешен премиер и сегашен лидер на Демократската партија на Албанија.

Протестното движење, кое започна како реакција против планиран туристички развој во областа Пише Поро и на островот Сазан, во средата влезе во десеттиот последователен ден и кулминираше со она што организаторите го опишаа како национален протест.

Лидерите на протестите повикаа Албанци од целата земја и од дијаспората да се приклучат на најновиот собир, кој се совпадна со годишнината од основањето на Призренската лига – настан од 19 век што се смета за симбол на албанското национално единство.

Движењето првично беше поттикнато од загриженост за инвестиционен проект поврзан со компанија поврзана со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, во заштитено крајбрежно подрачје.

Сепак, подоцна прерасна во поширока кампања против повеќе владини политики и законски измени.

Што бараат демонстрантите?

Во текот на протестите, учесниците изнесоа пет клучни барања: оставка на владата; укинување на законите и посебните статуси за стратешки инвеститори; повлекување на „Планот за планините“; укинување на измените на Законот за заштитени подрачја; и поништување на измените на Законот за културно наследство.

Владата тврди дека развојот на јадранскиот брег би бил трансформативен за поранешната комунистичка земја, која се стреми кон висококвалитетен туризам и членство во Европската Унија.

ВИДЕО | Стотици луѓе протестираа во Албанија против луксузниот проект на зетот на Трамп

Луксузниот проект има две компоненти: крајбрежен развој во областа на лагуната Нарта, која е природен резерват, и помал ресорт на блискиот ненаселен остров Сазан, поранешна воена база од комунистичкиот период.

Рама минатата недела изјави дека противењето на проектот е засилено од ботови, антисемитски наративи и непријателски надворешни влијанија кои ги поттикнуваат тензиите во Албанија.

Европската комисија побара од Албанија да преземе мерки

Во вторникот, портпарол на Европската комисија ги повика албанските власти да преземат мерки за да не се загрози процесот на приклучување кон ЕУ, кој бара усогласување со еколошките правила.

„Албанија треба да се воздржи од активности што би можеле да го поткопаат исполнувањето на завршните мерила, во овој случај Поглавје 27, и очекуваме албанските власти да постапат без одложување“, изјави портпаролот Гијом Мерсије, осврнувајќи се на поглавјето од преговорите со ЕУ кое бара усогласување со еколошките стандарди.

Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, истакнувајќи дека нивните барања остануваат непроменети.

 

ВИДЕО | Стотици луѓе протестираа во Албанија против луксузниот проект на зетот на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот