Фото:МВР

Дали се проневерени швајцарските пари за водоводот во Гостивар?!

Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО и Германската развојна банка заедно со општина Гостивар дале 7 милиони 132 илјади евра за да се реновира водоводот во Гостивар и да се зајакне гостиварски „Комуналец“, објави „Телма“. Од овие пари 682 илјади евра биле учество на општината и гостиварски Комуналец а другите пари се од странските финансиери. Но, добар дел од проектот не функционира. Минатата недела „Слободен печат“ доби писмо од свиркач во кое пишува дека Гостивар страда за чиста вода за пиење, додека милиони евра од странски донатори (швајцарски СЕКО и германска КфВ банка) се оставени да гнијат и да се уништуваат.

Според писмото, во рамките на меѓународни проекти двапати биле платени по 150 илјади евра исклучиво за обука на персоналот и менаџерските структури на ЈП Комуналец Гостивар за управување со модерните системи, но нејасно е кој се обучувал и зошто во претпријатието денес нема ниту еден вработен способен да ги одржува инсталираните системи.

Преку меѓународните фондови купена е прескапа софистицирана опрема и модерна лабораторија за мерење на квалитетот и контрола на водата. Денес оваа лабораторија никогаш не е ставена во функција и стои затворена или оштетена. Зошто се купуваше ако целта беше да е надвор од употреба?, пишува во дописот до „Слободен печат“.

Преку фондовите СЕКО и КфВ изградени се нови стратешки резервоари за високите и ниските зони во градот и беа променети старите магистрални линии. Денес ниту еден од овие резервоари не е во функција. Водата доаѓа без никаква контрола на притисокот оставајќи цели населби без капка вода во најголемите жештини.

Новата филтер станица во Вруток финансирана од Министерството за животна средина и швајцарски СЕКО за да се запре заматувањето на водата, никогаш не била ставена во редовна употреба. Поради целосно отсуство на надзор и одржување од страна на ЈП Комуналец Гостивар, во станицата шишето (кубот) со хлор прснал и ги оштетил филтрите. Денес постројката е целосно нефункционална и претворена во руина поради небрежност.

 

Нa сите прашања поврзани со проектот што го финансирале од Швајцарската Амбасада и Агенција за Телма одговараат.

Длабоко жалиме за настаните во Гостивар и сакаме да изразиме искрено сочувство до засегнатите лица. Проектот започна во декември 2016 година и заврши во декември 2023 година. Сите компоненти на проектот финансирани од нашите придонеси се завршени, а проектот е предаден на јавното комунално претпријатие на Гостивар. Од декември 2023 година не сме вклучени во интервенции/инвестиции во системот за водоснабдување, бидејќи работењето и одржувањето се во надлежност на јавното комунално претпријатие – SECO – Швајцарски државен секретаријат за економски прашања.

Според информациите од обвинителството за сега истрага за реализацијата на проектот нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот