МВР воведува брзи тестови за дрога — еден брис од плунка и резултат за најмногу 10 минути
Кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати (морфин, хероин), екстази (MDMA), седативи и ТХЦ во марихуаната – сите овие типови дроги сообраќајната полиција ќе ги испитува кај возачите со еден кинески брз тест од плунка, кој полициските службеници ќе го имаат во џеб.
Препорачано
„Слободен печат“ доби официјални информации од МВР за овие тестови, кои веќе се нарачани и се прилично евтин начин преку кој ќе се врши скрининг на возачите што им се сомнителни на полицајците и управуваат возила под дејство на наркотици. Еден тест чини само 218 денари, а нарачани се 10 илјади парчиња што ќе пристигнат во првата половина на август.
Овие кинески тестови имаат точност од 99 проценти и покажуваат резултати брзо, во времетраење од три до 10 минути. Видеоматеријалот во кој се демонстрираат перформансите на тестот откриваат дека за овие тестови не се потребни медицински предзнаења и дека македонската полиција им се приклучува на бројни агенции за спроведување на законот ширум светот, кои со ваков брз евтин скрининг детектираат интоксицирани луѓе зад воланот.
Јавната набавка на тестовите за откривање дрога е спроведена така што е склучена рамковна спогодба во времетраење од две години. Тоа значи дека МВР во текот на тие две години ќе може да прави нарачки на тестовите, а парите што ќе се потрошат од буџетот за оваа намена не смее да надминат 80 илјади евра. Ова не значи дека ќе се потрошат сите 80 илјади евра за две години, туку дека тоа е поставениот горен лимит што не смее да се надмине. Фирмата што го доби тендерот за тестови за дрога е „Друштво за трговија и услуги Визиомед ГБГ ДООЕЛ Скопје“, која постои од 2009 година.
„Согласно доставено барање од Одделот за униформирана полиција, склучен е договор нарачка за набавка на 10.000 парчиња (тестови за дрога). Во врска со прашањето дали овие тестови се тие што лани летото беше најавено од МВР дека ќе бидат за тестирање на возачите, известуваме дека станува збор за истите тестови. Со нивна употреба не е почнато бидејќи уште тече рокот за испорака согласно склучениот договор за нарачка. Се очекува испорака во првата половина на август“, велат од МВР за „Слободен печат“.
Неколку полициски службеници ќе имаат обука за тоа како да ги употребуваат тестовите, а потоа тие ќе им го пренесат знаењето и на други полициски службеници во Организациските единици. Единствениот ризик-фактор за овие тестови останува човечкиот – дискреционото право на полицаецот врз кого ќе го употреби тестот, а врз кого нема. Во поглед на самата спецификација на тестот, прецизноста и точноста се 99 проценти.
„Тестирањето ќе се врши на местото каде што е сопрено возилото и ќе се врши контрола на возачот на проценка на полицискиот службеник. Тестовите се карактеризираат со висока прецизност. Вакви видови на тестови ќе се употребуваат прв пат. Тестирање се прави и сега со анализа на крв и урина“, ни рекоа од МВР.
Скрининг-тестовите за дрога се за еднократна употреба и се прават со плунка. Тие се лесни за ракување и употреба и не е потребно претходно медицинско знаење за адекватно да се употребува. Методот за земањето на примерокот е неинвазивен – преку орален брис или апликатор, без потреба од дополнителни реагенси, апарати или опрема. Времето на земањето примерок од плунка е помало од една минута. Тестот се зема преку орален апликатор за 60 секунди.
За читање на резултатите не е потребна дополнителна опрема и резулатите јасно се гледаат. Резултатот може да биде позитивен или негативен зависно од добиените линии на него.
Резултатот е негативен кога во контролниот регион (C) и во тест-регионот (Т) се појавува обоена линија.
Резултатот е позитивен кога се појавува обоена линија во регионот (C) а во тест-регионот не се појавува линија.
Неважечки тест е кога не се појавува линија во контролниот регион (C).
Времето на читање на резултатот е од три до 10 минути. Панелот за детекција опфаќа седум типови на поединечни дроги – тетрахидроканабиол (ТХЦ), кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати (морфин, хероин), екстази (MDMA) и бензодиазепини. Детекциските лимити (cut off-вредности) за секоја од овие дроги се движи во следните граници: за тетрахидроканабинол 15 нанограми на милилитар, за кокаин 20 нанограми на милилитар, за амфетамин 50 нанограми на милилитар, за метамфетамин 50 нанограми на милилитар, опијати 10 нанограми на милилитар, бензодиазепини 10 милиграми на милилитар и MDMA 50 нанограми на милилитар.
Тестовите имаат ISO 13485 сертификат за квалитет, ознака CE, усогласени се со важечките европски регулативи и се наменети за европскиот пазар. Исто така, овие тестови се регистрирани во Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД).
Тестовите може да се чуваат на температура од 0 до 40 степени.


