Независниот театар „МАНА“ ќе ја реализира праизведбата на драмскиот текст „Вонземјани“ од Игор Кузмановски
Во рамките на 47-то издание на фестивалот „Скопско лето“, на 28 јули, во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар ќе се одржи праизведбата на драмскиот текст „Вонземјани“ од Игор Кузмановски во режија на Васил Михаил.
Препорачано
Театарската претстава „Вонземјани“ е подготвена во продукција на независниот театар „МАНА“, во копродукција со Македонскиот народен театар. Станува збор за современа комедија којашто низ остар хумор и интелигентна сатира зборува за семејните односи, стереотипите, влијанието на технологијата, лажните информации и апсурдите на денешното општество.
– Додека деца умираат од глад, додека луѓе гинат во војни, додека дишеме загаден воздух и јадеме храна полна со пестициди, додека секојдневно сме опкружени со лаги и лицемерие, можеме ли навистина да кажеме дека сме среќни? „Вонземјани“ е обид преку драмската форма да се погледнеме себеси од страна, како туѓинци што ја набљудуваат човечката цивилизација. Пораката на делото не е да даде конечни одговори, туку да поттикне размислување за вредностите што ги губиме и за светот што го создаваме. Ако човечноста исчезне, тогаш вистинските вонземјани нема да дојдат од вселената – тие ќе бидеме самите ние – посочува авторот на текстот Игор Кузмановски.

Прашањата дали се вистински луѓе во претставата си ги поставуваат актерите Нино Леви, Димитар Паскоски, Наум Ѓорѓиески и актерките Димитрина Мицкоска и Марија Новак. Режијата е на Васил Михаил.
– „Вонземјани“ е претстава која пулсира во урнебесно комичен жанровски амалгам и ја отсликува нашата реалност во поглед на семејните односи, стереотипи, инвазијата на технологијата и лажните информации, како и корумпираноста на општествениот систем. Современиот театарски израз ни нуди естетика која е автентична и невообичаена, додека содржината длабоко продира во проблематичните теми на нашето и светското секојдневие. Духовитите дијалози и инцидентните ситуации до раб на апсурд прават социјалната горчлива драма за нашата реалност да биде свежа, комична и емотивна. Сензибилитетот на ликовите и околностите во кои се сместени се несомнено универзални, но затоа што авторот е домашен, тие природно го содржат во себе идентификацискиот код на овие простори. Вонземјанството е човечки симптом. Колку ли луѓе се вонземјани, а не знаат за тоа!? – загатнува режисерот Васил Михаил.
Костимографијата во претставата е на Благој Мицевски, сценографијата е на Дарко Дуковски, тонската обработка ја направи „Оскар продукција“, а асистент на режија е Дамјан Јосифовски. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)


