Изложбата е поставена во Музејот на град Скопје

Изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“ ја носи културната меморија на Скопје составена од тажачки песни

На 26 јули, денот кога Скопје повторно се навраќа кон својата најдлабока рана, во Музејот на град Скопје, во 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди по земјотресот, и ќе биде промовирано дополнетото и двојазично издание на книга од авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ / „Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов и изложбата со фотографии на Васил Хаџиманов отвораат два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги сочувал нивните лица, движења и обреди. Овие архивски материјали, повеќе од шест децении недостапни за јавноста, денес сведочат за тагата како лично искуство, заеднички обред и дел од културната меморија на градот.

– Кога во 2023 година ја објавивме книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, нашата првенствена намера беше пред научната и пошироката јавност да претставиме еден долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство. Ракописните и звучните записи што Хаџиманов ги создал непосредно по катастрофалниот земјотрес, на погребите и помените на жртвите, повеќе од шест децении останале расеани во неговата архивска оставнина. Нивното пронаоѓање, дигитализирање, расчитување и приредување ни овозможи да ги вратиме во јавниот и научниот простор гласовите на луѓето што својата загуба ја изразувале преку еден од најстарите, а истовремено и најмалку проучуваните фолклорни жанрови – посочуваат авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Книгата ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за придонес во науката и книжевноста поврзан со градот и со неговото историско паметење.

– Дополнетото и двојазично издание „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ /„Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)“, прво во ваква форма, произлезе од интересот за книгата надвор од македонскиот научен простор, но и од сознанието дека работата со архивата на Хаџиманов не беше завршена со изданието од 2023 година.

Натамошното пребарување донесе дополнителни белешки и фотографии што тој ги направил во разурнатото Скопје, на гробиштата во Бутел и при погребните обреди. Дел од овие документи се вклучени во ова издание и го прошируваат сведоштвото за околностите во кои биле снимани тажачките песни.

Ова издание е дополнето и со музиколошки прилог на Вера Милошевска-Јосифовска, кој ја проширува анализата на мелодиските, ритмичките и изведувачките особености на материјалот. Особено значајна новина е англискиот превод на Милан Дамјаноски, со кој научните прилози и објавените тажачки песни стануваат достапни за меѓународната научна јавност.

Преведувањето на еден ваков корпус поставува специфични предизвици. Дијалектните форми, роднинските називи, вокативните обраќања, повторливите тажачки формули и значенските нијанси на усната изведба не секогаш имаат непосредни еквиваленти во англискиот јазик. Во преводот се настојува да се зачува документарната вредност на записите, а притоа да се овозможи нивно читање и разбирање надвор од македонската јазична и културна средина. Двојазичниот распоред му дава можност на читателот непосредно да го споредува оригиналот со преводот и да ги согледа местата каде што јазичната и културната специфичност бараат дополнително толкување.

Изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“ (фотографии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди), чијшто авторски концепт го подготвивме во соработка со фотографот-документарист Иван Блажев од Архив МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, за првпат ќе претстави дел од досега неприкажаните фотографии што Хаџиманов ги направил на скопските гробишта по земјотресот.

Фотографските сведоштва за погребните и тажачките обреди ќе бидат поврзани со дигитализираните звучни записи, така што посетителите истовремено ќе можат да ги гледаат визуелните документи и да ги слушаат гласовите на жените што ги оплакувале своите блиски. Со спојувањето на сликата и звукот, архивскиот материјал добива нова музејска и меморијална форма, а промоцијата на дополнетото двојазично издание станува дел од поширокото одбележување на делото на Хаџиманов. Неговиот исклучителен собирачки, мелографски и документаристички труд сè уште не е целосно истражен, а голем дел од оставнината останува предизвик за идни проучувања.

Се надеваме дека книгата и изложбата ќе придонесат неговото дело да добие повидливо место во историјата на македонската фолклористика, етномузикологија и визуелна култура и дека ќе поттикнат натамошно објавување и проучување на материјалите што ги собирал со децении – истакнуваат авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот