Изложба со дела од Таки М. Павловски постхумно ќе биде поставена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга
Во Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, со поддршка на Министерството за култура и туризам, во периодот од 24 јули до 5 август 2026 година ќе биде поставена постхумна изложба со циклусот „Езерски брегови“, посветена на творечкиот опус на академскиот сликар Таки М. Павловски (1939-2023).
Препорачано
Изложбата е дел од монографската едиција „55 години творештво (1966–2021)“ и претставува достоинствено оддавање почит на еден од најавтентичните и најзначајните македонски ликовни уметници, чие дело остави длабока и трајна трага во историјата на современата македонска уметност.
Со својот препознатлив ликовен јазик, Таки М. Павловски создаде безвременски дела што ги надминуваат границите на визуелниот израз, отворајќи нови уметнички хоризонти и влијаејќи врз развојот и насоките на македонската ликовна сцена. Неговото творештво е сведоштво за непрестајната потрага по суштината на формата, светлината и просторот.
Циклусот „Езерски брегови“ претставува едно од највпечатливите поглавја во неговиот богат творечки опус. Со овие дела авторот преминува од геометризам во лирична апстракција, создавајќи визуелна поезија инспирирана од езерскиот пејзаж, неговата тишина, светлина и бескрајност. Секоја слика е простор за лична интерпретација и длабоко естетско доживување, во кое природата и емоцијата се преточени во универзален уметнички јазик.
Посебен придонес во реализацијата на оваа изложба има неговата ќерка, академската сликарка д-р Марија Павловска, која со голема посветеност и почит кон творечкото наследство на својот татко овозможи неговите дела повторно да заживеат пред публиката, продолжувајќи да ја раскажуваат приказната за еден исклучителен уметник чие творештво останува трајна духовна и културна вредност.
Куратор на изложбата е Христијан Томан, а свеченото отворање ќе се одржи на 24 јули (петок), во 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.


