Сцена од филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“

Светската премиера на првото долгометражно филмско остварување на Срѓан Јаниќијевиќ ќе се одржи во Олденбург

Меѓународниот старт за македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско долгометражно остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе се случи со светска премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург.

Од фестивалот официјално потврдија дека филмот, кој меѓународно ќе биде претставен под насловот „You Won’t Believe What Happened Before“, е избран во официјалната конкуренција и ќе се натпреварува за фестивалските награди.

Фестивалот ќе се одржи од 16 до 20 септември 2026 година и повеќе од три децении претставува една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во меѓународните филмски кругови е познат како „Европскиот Санденс“, додека „The Hollywood Reporter“ го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и едно од задолжителните места на европската фестивалска сцена.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќта, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици.

Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.

Сцена од филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“

Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Сашо Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за медиумите, политиката и општеството.

Изборот во официјалната конкуренција на Олденбург му овозможува на филмот своето меѓународно патување да го започне на фестивал препознатлив по поддршката на бескомпромисни авторски гласови, независни продукции и дебитантски остварувања.

Главната фестивалска награда, „German Independence Award – Best Film“, се доделува на најдоброто независно долгометражно остварување, а фестивалот доделува и признанија за режисерска храброст, оригиналност, дебитантски филм и актерски остварувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот