Деветтото издание на „Бич филм фестивал“ ќе се одржи од 22 до 26 јули во Охрид
Пет дена на четири локации и десетици филмови под отворено небо – на плажа, на брод и покрај езерото – од 22 до 26 јули ќе го претворат Охрид во летна филмска сцена.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Годинашното издание на „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) носи официјална селекција на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма и едукативни содржини. Фестивалот и оваа година останува верен на својата идеја: филмот да биде достапен, споделен и доживеан заедно – под ѕвездите, покрај водата.
Фестивалот почнува ден пред официјалното отворање, на 21 јули на плажа Сараиште, со претпрограма посветена на македонскиот филм, во чии рамки се прикажуваат филмовите „Железна тврдина“ на Митко Панов и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај. Проекцијата на „Самоуништување“ се одржува по повод 30 години од премиерата на овој култен македонски филм.
Официјалната селекција на долгометражни филмови се отвора на 22 јули на плажа Славија со „Being Maria“ на Џесика Палид (20:30). Меѓу главните настани на фестивалот е и специјалната проекција на „The Instinct“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на брод „Армада“ на 25 јули, во 21:30 часот – кино на вода, со езерото наоколу.
Фестивалот се затвора на 26 јули на плажа Славија со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска (21:00), а истата вечер во 20:45 во Специјалната селекција е и „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски.
Во програмата се и краткометражната и студентската селекција – меѓу нив „Rituals“ на Филипо Мараско, „Dear Mother“ на Теодор Солин и „Shadows of the Moon“ на Тина Величковиќ – како и специјална програма на современиот турски филм со „One of Those Days When Hemme Dies“ на Мурат Фиратоглу и „As We Breathe“ на Сејхмус Алтун, реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија.
За наградите на деветтото издание ќе одлучува меѓународно жири составено од автори и професионалци од четири земји: Ана Хут (Полска/Берлин) – филмска експертка, професорка на Филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“ и експерт на програмата Creative Europe MEDIA; Кеми Перес (Канарски Острови, Шпанија) – режисер, продуцент и сценарист, автор на документарецот „Shirampari: Legacies of the River“, дел од официјалната селекција на Sundance 2023; Хана Грос (Канада) – актерка и режисерка, позната по улогите во „The Adults“, „Falling“ и „The Mountain“, како и по серијата „Mindhunter“; Срѓан Анѓелиќ (Србија) – сценарист и режисер, автор на култните филмови „Munje!“, „Do koske“ и „Munje Opet!“.
Едукативниот дел од фестивалот оваа година донесува три мастер-класи, отворени за млади автори, студенти и филмски професионалци, што ќе ги одржат членовите на меѓународното жири.
Од 22 до 25 јули ќе се одржи и хорор работилница за средношколци и млади, посветена на игран хорор филм, под менторство на Ангела Грозданов и со поддршка на Гете институт Скопје. Најмладите посетители и оваа година имаат своја програма – детските проекции се одржуваат на плажа Сараиште, во соработка со Францускиот институт, Гете институт и Амбасадата на Република Словенија.
Проекциите се одвиваат на четири локации во Охрид, со различен режим на влез: Плажа Славија, Плажа Сараиште, Брод „Армада“ и Младински центар Охрид.
– „Бич филм фестивал“ го градиме со многу љубов и ентузијазам, а секоја година се обидуваме да донесеме филмови што ќе ја изненадат публиката и ќе создадат нови разговори. Охрид има посебна енергија во лето, а кога ќе се спојат филмовите, зајдисонцата и луѓето, се создава атмосфера што не може да се доживее никаде на друго место. Најголемата награда за нас е кога ќе видиме гледалишта полни со публика и ќе почувствуваме дека филмот навистина ги поврзал луѓето под истото небо покрај Охридското Езеро – истакнува Моника Зафировска од „Бич филм фестивал“.
„Бич филм фестивал“ е фестивал на нов европски филм што се одржува во Охрид како мултимедиски и мултидисциплинарен настан. Неговата цел е да поттикне дијалог, критичка рефлексија и акција инспирирани од прикажувањето на нови европски филмови, како и да понуди квалитетна летна културна програма во градот. Фестивалот ги доделува наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм, „Голем бран Стефан Сидовски“ за најдобро актерско остварување и „Мал бран“ за најдобар краток и најдобар студентски филм.


