Етнопроект „Кафе Де Анатолија“ / Фотографија: Сашо Ставрев

Јубилејното издание на „Локум фест“ ја разигра и распеа битолската стара чаршија

Со претставувањето на етнопроектот „Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски, севдах-бендот „Диванхана“ од Сараево и диџеј-сетот на Били Естебан, „Локум фест“ ѝ се оддолжи на битолската чаршија за сета радост и дух кој ѝ го даде на овој фестивал, што точно пред 20 години започна токму таму.

Од 16 до 18 јули, битолчани и гостите уживаа во фестивал кој две децении ја чува автентичната музика и заокружи уште една убава музичка приказна. И оваа година „Локум фест“ успешно го задржа својот препознатлив концепт, повторно понуди уникатен спој на етномузика, современи изрази, различни култури и автентични традиции.

Како еден од ретките фестивали во регионот што опстојува со истата идеја од своите почетоци, фестивалот продолжува да ја гради својата приказна преку музиката како мост меѓу луѓето и културите.

„Локум фест“ доследно се држи до јавниот карактер и не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на „Бит фест“.

– Кога гледате радосни лица кои играат и се веселат, знаете дека мисијата е успешна. Голема благодарност до сите кои помогнаа да се случи „Локум фест“, од дуќанџиите, до тимот, мајсторите за бина и транспорт, звук и светло и куп луѓе за кои треба време да се набројат, пред сѐ, благодарност до Општина Битола и „Бит фест“ и, секако, Министерството за култура и туризам без кои овој фестивал не ќе дојдеше до овде – истакнуваат организаторите.

На завршната фестивалска вечер, на 18 јули, настапија „Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски, кои на публиката ѝ понудија добар ритам искомбиниран со звукот на кавалот и канонот.

По нив следуваше настапот на една од најпознатите балкански етногрупи „Диванхана“ од Босна и Херцеговина. Групата е основана во 2009 година во Сараево од студенти на Музичката академија при Универзитетот во Сараево, со идеја традиционалната босанска севдалинка да ја претстават во современо музичко руво, инспирирано од џезот, класичната и светската музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот