Екипата на претставата на премиерата на фестивалот „Охридско лето“

По премиерата на „Охридско лето“, Битолскиот театар со „Кориолан“ замина на фестивал во Верона

По успешната премиера на 66. „Охридско лето“, НУ Народен театар Битола замина на гостување во Италија, каде на 21 јули, во рамките на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, ќе ја има светската фестивалска премиера на претставата „Кориолан“, во режија на Џон Блондел.

Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството.

– „Кориолан“ е дело коешто за првпат се поставува на театарските сцени низ Македонија. Имаме една голема екипа којашто е спремна да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“. Како и за сè останато, така и за овој тип на реализација на претстави, Битолскиот театар секогаш бил пионер во некои работи. Продолжуваме да се однесуваме така и да бидеме чекор-два пред сите останати и нашите премиери после подолго време конечно да се случат и на сцените надвор од Балканот, во европски земји, на што сум искрено горд – истакнува директорот на НТБ, Васко Мавровски.

Ова е петта соработка на американскиот режисер Џон Блондел со Народен театар Битола, партнерство кое низ годините донесе препознатливи и високо оценети театарски остварувања. Тој е и уметнички директор на „Верона фринџ фестивал“.

– Во разговори со моите колеги таму разговаравме за тоа кои претстави би сакале да ги имаме годинава на фестивалот и една од тие е претставата „Кориолан“. И јас лично изразив желба дека сакам да ја работам и дека сакам да ја работам со екипата на Народен театар Битола. Така дојде, всушност, до оваа соработка и сум среќен дека претставата се реализира со овие прекрасни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано е 1608 година и е последната трагедија која што ја напишал – објаснува режисерот Џон Блондел.

„Кориолан“ не е само приказна за еден воен херој. Тоа е приказна за секое време во кое живееме. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски, а покрај него играат и: Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.

Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло-мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.

Со учеството на овој престижен меѓународен фестивал, организиран од „Skenè Research Centre“ при Универзитетот во Верона, Народниот театар Битола ќе ја претставува Македонија заедно со театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот