Насловна корица на првиот том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“

Автобиографската едиција „Белешки и анализи“ на проф. д-р Трајан Гоцевски почнува со неговиот животопис

Во издание на „Студентски сервис“ од Скопје деновиве од печат излезе првиот том од десеттомната автобиографска едиција „Белешки и анализи“ на проф. д-р Трајан Гоцевски – универзитетски професор, долгогодишен декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

Трајан Гоцевски е експерт од областа на одбраната и безбедноста, автор и коавтор на стотина дела од областа на одбраната и безбедноста, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и еден од креаторите на македонскиот самостоен одбранбен систем под чие непосредно раководство беше формирана неговата оружена компонента – Армијата на Република Македонија и член на Советот за безбедност на Република Македонија во три мандата.

За љубопитните читатели тежината на оваа едиција произлегува и од самата „тежина“ која ја има личноста на авторот, проф. д-р Трајан Гоцевски, кој првиот том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“ го посветува на својот личен јубилеј 75 години живот и 50 години творење.

На 332 страници Б5 формат, авторот детално ги опишува своите детски години во пограничното планинско село на македонско-бугарската граница Селник, делчевско; училишните години во селата Селник и во Драмче; гимназиските денови во Делчево; студентските денови и факултетското образование на Економскиот факултет во Скопје; враќањето во Делчево и вработувањето во фабриката „Фротирка“ во Делчево; изборот за претседател на Извршниот совет на Општина Делчево; враќањето во Скопје и изборот за самостоен советник во Владата на СРМ за подготовките на македонското стопанство за одбрана, планирање и финансирање и државните резерви; вработувањето во Републичкиот совет за народна одбрана; изборот за претседател на Републичкиот одбор за сообраќај и врски; постдипломските и докторските студии на Економскиот факултет; изборот за професор на Филозофскиот факултет во Скопје на наставно-научната група по одбрана и изборот за декан на Филозофскиот факултет во Скопје. И сето тоа збогатено со повеќе од стотина фотографии.

Тие работни позиции придонесоа авторот да биде дел од многу процеси што се случуваа во државата, а кои би биле корисно четиво за нашата и за генерациите кои доаѓаат по нас за да сфатат дека на Македонија никој и никогаш ништо не ѝ подарил, туку таа самата, со огромни напори и одрекувања и со огромни жртви го стекнувала она што денес го имаме.

Наскоро од печат излегуваат и следните два тома „Југославија на крстопат“ и „Македонија оди кон независност“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 340, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.7.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот