Жири и дел од добитниците на наградите на фестивалот „Преку езерото“

Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ додели Гран-при на филмот „Држи се за мене“

Петтото издание на фестивалот „Преку езерото“ се одржа од 8 до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија, а за наградите одлучуваше жири во состав Емили Ришел, Елеонора Венинова и Мирослав Митиќ.

Наградата за најдобар филм на фестивалот ја доби кипарскиот „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Аристиду, кој беше прикажан на отворањето на фестивалот. „Наградата се доделува на филм што постигнува исклучителна рамнотежа меѓу раскажувањето, режијата, актерската игра, филмскиот јазик и емоционалното влијание. Филмот ја претвора интимната семејна приказна во универзално размислување за простувањето, одговорноста и трајната врска меѓу таткото и ќерката. Неговата емоционална искреност, наративна зрелост и уметничка кохерентност го прават најзаокруженото остварување во овогодишната официјална конкуренција“, образложи жирито.

Меѓународното жири му ја додели наградата за најдобра кинематографија на медитерански филм на Душан Кардалевски за филмот „Кома“ во режија на Агим Абдула. „Преку внимателно компонирани кадри, суптилно визуелно раскажување и исклучително чувство за атмосфера, неговата кинематографија станува најсилниот уметнички израз на филмот. Оваа награда го вреднува визуелното раскажување што ѝ служи на емоцијата со елеганција, дисциплина и автентичност“, образложи жирито.

Кардалевски ја прими наградата и посочи дека таа ѝ припаѓа на целата екипа и се заблагодари на Агенцијата за филм, на фестивалот „Преку езерото“ и на сите чинители кои придонеле за снимањето на филмот.

Наградата за најдобра медитеранска филмска музика му беше доделена на Ѓорѓе Миљеновиќ, познат и како Скај Виклер за музиката во филмот „Кармадона“. „Неговата музика не е само придружба на сликите, туку суштинска драматична сила што ја обликува атмосферата, психолошката тензија и емоционалниот идентитет на филмот“, смета жирито, кое признава дека музичко дело го збогатува кинематографското искуство со оригиналност, чувствителност и уметничка моќ.

Наградата за најдобар медитерански краток филм ја доби „Антигона“, кој со извонредна уметничка зрелост претвора една безвременска класична тема во современо филмско искуство. Наградата за најдобра медитеранска филмска актерка ѝ припадна на Пламена Гетова, додека за најдобар актер наградата ја доби Јаник Рение за изведба што се одликува со извонредна сложеност и уметничка интелигенција. Рение посочи дека е многу среќен за наградата и што присуствуваше на фестивалот „Преку езерото“, кој му овозможи да допатува за прв пат во Македонија.

Наградата за најдобар режисер им припадна на Александар Радивојевиќ за „Кармадона“ и на Бруно Форцањи и Хелен Катет за „Одразот во мртов дијамант“. Филмот „Кармадона“ демонстрира извонредна уметничка храброст, комбинирајќи жанровско кино со филозофска рефлексија, создавајќи еден сосема свој посебен кинематографски јазик. Оваа награда го слави режисерот чија креативна амбиција ги проширува можностите на современото медитеранско кино.

Специјална награда од Советот на фестивалот му беше доделена на иранскиот филм „Коцкарот“ за исклучително креативно достигнување во вонредни продукциски околности, издржливост и посветеност на филмското совршенство остварени во време на војната, додека членовите на жирито доделија специјални признанија на краткиот филм „Чекајќи го возот“ (Словенија) во режија на Армин Чулиќ, како и на Марија Петрова.

Екипата на краткиот филм „Аналогни души“ во режија на Марија Грчева

Менторoт на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм Дејан Милошевски и директорот на фестивалот на медитерански и балкански филм Јани Бојаџи го соопштија добитникот на грант за развој и продукција на дебитантски краток филм. Станува збор за нов филм на Горан Трифуновски, чие сценарио ќе добие можност да се снима. Фестивалот заврши со премиера на краткиот филм „Аналогни души“ во режија на Марија Грчева и проекцијата на филмот „Кармадона“ на Александар Радивојевиќ од Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот