Интердисциплинарното издавачко и кураторско студио „Приватен принт“ бележи една декада активности
Во студиото на „Приватен принт“, во рамки на програмата „Читачка соба“, на 17 јули, со почеток од 20 часот, ќе се одржи настан посветен на новата книга на „Приватен принт“, „Економија на истрајноста – 10 години ‘Приватен принт’“, (Economy of Persistence – 10 Years of PrivatePrint). Книгата е во авторство на Илија Прокопиев и Марија Христова, основачи на „Приватен принт“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Настанот е замислен како претставување и прослава на книгата и на првата декада од постоењето на „Приватен принт“, преку инсталација во просторот на студиото, претставување на книгата од страна на авторите Илија Прокопиев и Марија Христова и разговор и дружење со соработниците, пријателите и сите заинтересирани.
„Економија на истрајноста – 10 години ‘Приватен принт’“ е издание на англиски јазик, составено од прилози на блиски соработници на „Приватен принт“, Милка Ивановска Хаџиевска, Ива Димовска, Борко Хаџиевски, Михалис Пихлер, Маргарита Атанасиу, организацијата „28 Ноември“ и Зоран Пунгерчар и нуди поглед во идеите, политиките и механизмите за преживување кои го обликуваа „Приватен принт“ низ првата декада од своето постоење, отсликувајќи траекторија на мала културна организација изградена со заеднички труд, дијалог, експеримент и колективна имагинација.
Таа не е типична монографија. Место линеарна институционална историја, таа претставува пат обликуван од успеси и од падови, моменти на славење и периоди на несигурност, на тој начин, откривајќи што значи да се постои и да се опстои во нестабилни, несигурни и неповолни услови за независна културна работа.
„Приватен принт“ е интердисциплинарно издавачко и кураторско студио кое гради култура на поврзување преку соработки, настани, резиденции и публикации. Основан е во 2015 од Илија Прокопиев и Марија Христова, како првиот специјализиран издавач на уметнички книги во нашата земја. Оттогаш, неговата работа е посветена на отворање простор за нови критични теми од културата и општеството, неинституционални и алтернативни кураторски и уметнички практики, критички дизајн и уште повеќе.
Преку интердисциплинарноста и издаваштвото како главни методи на работа, „Приватен принт“ поврзува цел спектар на соработници, како истражувачи, уметници, активисти, дизајнери, културни работници и професионалци со разновидна стручност.
„Читачка соба“ е програма на „Приватен принт“ која е во постојан развој. Конципирана од Марија Христова, таа ги обединува тековни издавачки, кураторски и едукативни активности на студиото. Преку работилници, предавања и друг вид настани, програмата ги продлабочува темите од интерес на „Приватен принт“, неговите автори и публика.


