Макарска - Фото: Flickr/antonD90

Прв град во Хрватска ја забрани ноќната продажба на алкохол, слична мерка најавуваат и други градови

Градскиот совет на Макарска донесе одлука со која се ограничува продажбата на алкохолни пијалаци во ноќните часови, со што овој приморски град стана првиот во Хрватска што воведува ваква мерка, пишува „Нова“.

Според новата одлука, на целата територија на Макарска ќе биде забранета продажбата на алкохол од 21 часот навечер до 6 часот наутро во продавници, пекарници, трафики и други малопродажни објекти. Работното време на продавниците останува непроменето, а ограничувањето не се однесува на угостителските објекти, каде алкохол и понатаму ќе може да се служи.

Од градската администрација објаснуваат дека во текот на летната сезона, особено во старото градско јадро и долж градската плажа, често има масовни собирања што се проследени со бучава, несоодветно однесување, големи количини отпад и оштетување на јавните површини и културното наследство.

Според локалните власти, мерката е насочена кон решавање на проблемот што е директно поврзан со лесната достапност на алкохол во доцните вечерни часови и претставува обид за поодговорно управување со јавниот простор.

„Одлуката има цел да воспостави рамнотежа меѓу квалитетот на животот на жителите, интересите на стопанството, потребите на посетителите, како и зачувувањето на културното наследство и идентитетот на градот, во согласност со стратешката определба на Макарска за одржлив развој во служба на граѓаните“, соопштија од Градот.

Локалната самоуправа наведува дека одлуката е донесена со цел да се заштитат јавното здравје, јавниот ред и мир, животната средина и културното наследство. Правната основа за нејзиното воведување произлегува од измените на Законот за трговија, со кои на единиците на локалната самоуправа им е овозможено самостојно да го регулираат ова прашање доколку оценат дека тоа е во јавен интерес.

Градоначалникот Зоран Пауновиќ истакна дека целта не е воведување забрани по секоја цена, туку создавање помирна и поквалитетна средина за живот и престој.

„Целта не ни е да забрануваме само поради забрана, туку да ги зачуваме редот, мирот и пријатната атмосфера во градот, и за нашите сограѓани и за туристите. Сакаме Макарска да остане пријатно и одржливо место за живеење и престој и ми е драго што сме први во Хрватска што воведуваме ваква мерка“, изјави Пауновиќ.

Спроведувањето на одлуката ќе го контролира Државниот инспекторат, на кој градските власти ќе му ја достават одлуката во законски предвидениот рок.

Во меѓувреме, и други хрватски градови најавија дека размислуваат за воведување слични ограничувања. Меѓу нив се Сплит и Задар, каде локалните власти исто така бараат начини да го намалат нарушувањето на јавниот ред и мир во текот на туристичката сезона.

Поради ордите пијани туристи, никој во Сплит ноќе нема да може да купи алкохол

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот