Мила Арсовска со потресна исповед: „На две години ме прегази воз, ми ампутираа дел од стапалото“
Македонската стилистка Мила Арсовска, која повеќе од една деценија живее и работи во Њујорк, јавно проговори за тешката несреќа што ја доживеала како двегодишно девојче и за животната борба што со години ја криела од другите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со објава на својот инстаграм-профил, Арсовска откри дека била прегазена од воз, по што, поради повредите и компликациите, ѝ бил ампутиран дел од стапалото. Иако последиците од несреќата ја следеле целиот живот, таа не сакала инвалидитетот да биде единственото нешто по кое луѓето ќе ја препознаваат.
„Кога имав 2 години, доживеав несреќа со воз. Бев сама, си играв на железничките шини, несвесна за тоа што ќе се случи.
Возот помина преку мене, вагон по вагон, оставајќи ме да се борам да преживеам.
Заради повредите и компликациите, дел од моето стапало беше ампутирано“, раскажа таа.

Арсовска вели дека од мала научила повторно да оди, да го одржува телото во рамнотежа и да ги надминува физичките ограничувања. Играла одбојка, притоа криејќи го инвалидитетот за да ѝ биде дозволено да учествува, а со години напорно работела за да се чувствува еднаква со другите.
Во својата најнова објава таа откри дека цели 42 години речиси никој не знаел за борбата што ја носела во себе.
„Цели 42 години луѓето ме познаваа, работеа со мене, се смееја со мене и споделуваа животни моменти со мене, но речиси никој не знаеше за борбата што ја носев во себе.
Станав многу добра во криењето на мојата болка. Научив како да се смеам кога работите беа тешки, како да продолжам напред кога ме болеше и како да му покажам сила на светот, дури и кога водев битки што никој не можеше да ги види“, напиша Арсовска.
Таа додава дека инвалидитетот е дел од нејзината приказна, но никогаш не бил нејзината целосна приказна.
„Не сакав да бидам дефинирана според она што ми се случи. Сакав да бидам препознаена по тоа што станав, по она што го постигнав и по храброста што беше потребна за да продолжам понатаму.
Зад секој чекор што го направив, секој спорт што го играв и секој предизвик со кој се соочив стоеше патешествие за кое повеќето луѓе никогаш не знаеја“, истакна таа.
По четири децении потрага, Арсовска конечно пронашла можност да добие протеза изработена по нејзина мерка, која би ѝ овозможила да оди и да танцува нормално. Сепак, протезата чини 25.000 долари, а трошоците не се покриени од осигурувањето, бидејќи станува збор за изработка по мерка и надвор од државата.
Поради тоа, таа започна кампања на платформата „ГоуФандМи“, преку која собира средства за протезата, која ќе треба да се заменува на секои пет до десет години.
„Понекогаш најсилните луѓе се оние што тивко ги носат најтешките борби. Мојата приказна е доказ дека човек може да се соочи со незамисливи предизвици и сепак да изгради живот исполнет со сила, решителност и надеж.
Ви благодарам што ја поддржувате мојата приказна и мојата кампања на ‘ГоуФандМи’“, порача Арсовска.


