Ристоска по пресудата: „Талир 2“ ми беше одземен за да се спаси имотот на ВМРО-ДПМНЕ
Предметот „Талир 2“ ми беше одземен за да се спаси имотот на ВМРО-ДПМНЕ, односно да се избегне конфискација, реагира обвинителката Ленче Ристоска по вчерашната ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, но и одбивањето на конфискацијата на „Белата палата“ и другите партиски седишта на владејачката партија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сега веќе поранешната обвинителка, која седум и пол години го водеше предметот и која поднесе оставка откако беше тргната од него, наведува неколку околности и состојби кои го потврдиле нејзиното уверување дека предметот и бил одземен.
Таа ја спори ослободителната пресуда на Судот, која ја изрече судијката Даниела Алексовска – Стојановска, но и постапувањето на новоназначениот обвинител. Таа го прашува судот како истите докази водат до две различни пресуди, прво осудителна, а потоа ослободителна и е децидна дека измените на Кривичниот законик од 2023 година не ја менува противречноста на одлуката, иако судијката се повика токму на нив.
-Факт е дека во меѓувреме беше изменет КЗ и овие измени имаа импакт на предметот. Со оглед дека обвинителството не е врзано со првобитната квалификација и опис на дејствијата на извршување и во текот на целата постапка може да предлага друга квалификација и да прави модификации на описот на обвинението кои одговараат на фактичката состојба што произлегува од доказите, во овој предмет беше изменето обвинението. Изменетото обвинение содржеше и дејствие на извршување коешто не постоеше во првичната верзија — обврската на Груевски, како претседател на партијата, да ги врати примените средства од Бетон во Буџетот и да ја надомести разликата од вредноста на објектот наспроти реалната вредност на земјиштето, токму поради несразмерот што судот веќе еднаш го утврди во претходната пресуда. Ова дејствие директно одговара на измените на Кривичниот законик, бидејќи се однесува на неизвршување обврска пропишана во Законот за финансирање на политичките партии, а овој облик не беше засегнат од декриминализацијата и одговорноста по членот 353 опстојува, особено ако се имаат предвид доказите дека имотот и користа завршила кај политичката партија ВМРО ДПМНЕ.
Притоа судот експлицитно наведува дека доказите останале исти како во првата постапка, дека својата анализа и оцена на тие докази ги задржал непроменети и дека останал „конзистентен во одлучувањето”. Но од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна. Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода — објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност, бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање на политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави воопшто не е спомнат – реагира Ристоска.
Ристоска вели дека конфискација на имотот е можна и кога кривичното гонење ќе застари, но не е можно по правосилна ослободителна пресуда, а предметот во август навлегува во завршна фаза.
-Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на обвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од обвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено – вели таа.
Таа реагира и на постапувањето на обвинителот кој го презеде предметот Кристијан Смилевски и очекува Обвинителството да поднесе жалба на пресудата.
-На едно од последните рочишта, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одлагање поради нивно отсуство, иако присуството не им е законски задолжително. На ваквото барање обвинителството не се спротивставило, а судот по службена должност не реагирал и рочиштето било одложено. Сите овие настани и одлагања придонесоа предметот да влезе во ваков временски интервал и целата постапка да заврши само со првостепена одлука, без да се даде доволна временска рамка на Апелациониот суд мериторно да се произнесе – додава таа.
Кривичниот суд вчера донесе ослободителна пресуда за Груевски, а судијката се повика на измените на Кривичниот законик. Премиерот Христијан Мицкоски конечно е задоволен од одлуката на Судот.


