Фото: Хрватска горска служба за спасување

ФОТО | Маж 10 часа висел наопаку меѓу карпи во кањон во Хрватска – го пронашол дрон

Припадници на Хрватската горска служба за спасување (ХГСС) синоќа извеле сложена спасувачка акција во кањон, каде што маж речиси 10 часа бил заглавен меѓу две карпи, висејќи со главата надолу, соопштија на својата официјална веб-страница.

На дежурниот телефон на ХГСС – Станица Шибеник, пристигнал повик од Центарот 112 со информација за исчезнато лице и барање за нивна помош, пренесува „Јутарњи“.

Постоеле индиции каде би можел да се наоѓа изчезнатиот човек, а подрачјето за пребарување било под тврдината во Дрниш, во кањонот на реката Чикола.

За кратко време на терен излегле 15 спасувачи на ХГСС со две беспилотни летала, а во акцијата се приклучиле и пет пожарникари од Доброволното противпожарно друштво Дрниш.

Фото: Хрватска горска служба за спасување

Поради исклучително непристапниот терен, потрагата била организирана од повеќе правци.

Додека дел од спасувачите го пребарувале теренот од воздух со дронови, други со јажиња се спуштале по стрмните карпи на кањонот, а трета група го пребарувала пресушеното речно корито.

Конечно, операторот на еден од дроновите го забележал исчезнатиот маж во стрмен процеп под тврдината. Според медиумските извештаи, тој останал заглавен меѓу две карпи, висејќи со главата надолу.

Со оглед на времето кога исчезнал, се претпоставува дека во таква положба поминал околу 10 часа, на температура повисока од 30 степени.

Спасувачите се спуштиле до него со носилка и со опрема за прва помош, го имобилизирале и го подготвиле за извлекување.

Во меѓувреме, друга екипа на повисокиот дел од теренот поставила системи за подигнување за да можат повредениот и спасувачите безбедно да бидат извлечени од кањонот.

Повредениот потоа бил предаден на екипа на итната медицинска помош за понатамошно лекување.

Акцијата завршила во 22:30 часот.

Фото: Хрватска горска служба за спасување

Од ХГСС соопштија дека дронот во текот на целата акција дополнително ја осветлувал локацијата од воздух, овозможувајќи им на спасувачите побезбедна работа на теренот.

„Ваквите акции му даваат смисла на секој час обука, на секое излегување на терен и на секоја жртва што ја поднесуваат спасувачите. Вчера сето тоа се совпадна во вистинскиот момент. Резултатот е човек кој доби нова шанса за живот“, порачаа од ХГСС.

ВИДЕО | Возрасен човек паднал од карпа во Сан Франциско, пожарникарите објавија снимка од спасувањето

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот