Таткото на Меланија доби кривична пријава за семејно насилство — МВР потврди дека е пренесен во болницата во Демир Хисар
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 56-годишниот П.Ц. од Куманово поради сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“, откако претходно неговата ќерка, физиотерапевтката Меланија Цветковска, јавно побара помош од институциите, тврдејќи дека со години семејството живее во страв поради неговото насилно однесување. „Слободен печат“ преку свои извори објави дека тој е упатен во психијатриската болница во Демир Хисар, а сега тоа го потврдува и МВР.
Препорачано
„СВР Куманово поднесе кривична пријава против П.Ц. (56) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144, став 3 од КЗ. Пријавениот, подолг временски период, под дејство на алкохол, вршел психичко и физичко насилство врз членовите од неговото семејство, а на 11.07.2026 година психички ја малтретирал својата сопруга и се обидел физички да ја нападне. П.Ц. е пренесен во Психијатриската болница Демир Хисар“, соопштија од МВР.
Инаку, девојката од Куманово на својот профил на „Инстаграм“, во видеопорака побара институциите на системот да ѝ помогнат да биде хоспитализиран нејзиниот татко, за кој рече има дијагноза на алкохоличар. Исто така, посочи дека тој бил пријавен во полиција затоа што на неговата сопруга и мајка на девојката ѝ се заканил дека ќе ја убие, но, како што кажа, таа имала тавче со врело масло од пржење јајца како штит и така се одбранила.
Сопругата на човекот во разговор за „Слободен печат“ рече дека тој претходно успешно бил излекуван од алкохолизам дека шест години бил „чист“ и дека сака да ѝ биде помогнато повторно да го изоди тој пат каде ќе му се понуди институционална помош на нејзиниот сопруг и татко на нејзините деца.


