ВИДЕО | Дуа Липа ја поддржа „Фламинго-револуцијата“ во Албанија: Инспиративно е да се види колку луѓето се грижат
Протестите во Албанија против изградбата на луксузен туристички комплекс поддржан од семејството Трамп доби уште една значајна поддршка. Светски познатата пејачка Дуа Липа изрази восхит од граѓаните кои веќе шест недели протестираат против проектот вреден 1,6 милијарди евра, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Липа, која е родена во Лондон, а дел од детството го поминала во Приштина, каде што живееле нејзините родители од косовско-албанско потекло, протестите ги опиша како „инспиративни“.
Таа за темата зборуваше во разговор со албанската професорка и писателка Леа Ипи во нејзиниот подкаст „Книжевен клуб на Сервис95“.
„Мене ми е навистина инспиративно да видам колку луѓето навистина се грижат“, изјави Липа.
Протестите се насочени против проектот за изградба на голем туристички комплекс што опфаќа делови од островот Сазан, единствениот остров на Албанија, како и изградба на дополнителни 10.000 вили долж песочниот брег на полуостровот Звернец.
Проектот е поддржан од инвеститори предводени од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, и неговата сопруга Иванка Трамп. Самата Иванка Трамп претходно го опиша планираното одморалиште како огромен и убав проект.
Идејата за изградбата беше забрзана откако албанскиот парламент во декември 2024 година направи измени во строгите закони за заштита на животната средина, со што беше овозможена градба во чувствителни природни подрачја. Нема докази дека Кушнер имал каква било улога во донесувањето на овие измени.
Токму оваа одлука на властите предизвика загриженост кај Липа, која смета дека се отвора прашањето за транспарентноста на институциите.
„Она што мене навистина ме загрижува е принципот според кој владата може едноставно да го смени законот и да ја отстрани заштитата на животната средина без каква било јавна консултација“, рече таа.
Островот Сазан и полуостровот Звернец во моментов се ненаселени подрачја и се сметаат за природни резервати со важни екосистеми, живеалишта за птици и други ретки видови во Јадранското Море.
Европратениците предупредија дека Албанија, која е кандидат за членство во Европската Унија, може да се соочи со проблеми во пристапните преговори доколку не ги почитува европските стандарди за заштита на животната средина. Земјата претходно најавуваше дека се надева на членство до 2030 година.
Албанскиот премиер Еди Рама го нарече проектот, кој би бил најголемата инвестиција во историјата на земјата по падот на комунизмот, „подарок за Европа“ и „благослов“ за држава која и повеќе од три децении по воведувањето демократија останува меѓу посиромашните земји во Европа. И покрај силното противење од јавноста, Рама засега не покажува намера да се откаже од проектот.
Изјавата на Дуа Липа беше поздравена од учесниците на протестите во Тирана, кои во моментот на нејзината поддршка влегоа во 45-тиот ден.
Александар Трајче, раководител на водечката албанска организација за заштита на природата, изјави дека зборовите на пејачката дошле во вистински момент.
„Ова беше многу моќна изјава. Особено многу млади Албанци, кои ја гледаат како идол, беа инспирирани од нејзината поддршка. Ова е 45-ти ден од протестите и нема знаци дека ќе запрат“, изјави тој.
Тој додаде дека владата почнала да презема чекори што требало да бидат направени уште на почетокот, како изработка на студија за влијанието врз животната средина, но дека на Звернец веќе е направена штета.
„Работите веќе започнаа, направено е еколошко нарушување и одговорните треба да понесат одговорност“, рече Трајче.
Инвеститорите, пак, и покрај протестите, порачаа дека проектот ќе продолжи со одговорен пристап, со фокус на заштита на природата, создавање работни места и долгорочна корист за локалните заедници.


