Тајната на најдобрата шопска салата — избегнете ја оваа грешка и ќе биде совршена секојпат
Шопската салата е еден од омилените летни прилози бидејќи е превкусна, едноставна, освежителна и оди добро со речиси секој оброк.
Препорачано
Иако се чини дека е доволно само да се исечка зеленчукот и да се додаде сирењето, искусните гурмани знаат дека неколку мали трикови можат целосно да го променат нејзиниот вкус.
Изберете зрел сезонски зеленчук
Најдобрата шопска салата започнува со квалитетни состојки. Користете зрели домати, цврсти краставици, месеста зелена пиперка и свеж или млад кромид. Кога зеленчукот е во сезона, не ви требаат многу зачини за салатата да биде вкусна.
Посолете непосредно пред сервирање
Една од најчестите грешки е предвременото солење. Солта ја извлекува водата од доматите и краставиците, па салатата брзо станува водена. Затоа е најдобро зеленчукот да се исече однапред, а солта да се додаде непосредно пред сервирање.
Бонус совет:
За побогат вкус, прво изгмечете неколку коцки бело сирење со лажица маслиново масло, па кремастиот прелив (дресинг) распоредете го врз салатата и одозгора изрендајте уште малку сирење. Ќе добиете шопска салата со пополн вкус, а секој залак ќе биде уште посочен.
Прво зачинете го зеленчукот, па додајте го сирењето
Откако ќе го исечкате зеленчукот, прелијте го со квалитетно масло и, по желба, додајте малку оцет или сок од лимон. Нежно измешајте за да се соединат вкусовите, а дури на крајот изрендајте го или издробете го белото сирење врз салатата. На тој начин, сирењето ќе остане растресито и нема да се претвори во каша.
Не заборавајте на кромидот
Ако ви пречи остриот вкус на кромидот, потопете го во ладна вода десетина минути пред да го додадете во салатата. На тој начин, ќе остане пријатно крцкав, но ќе изгуби дел од лутината и нема да ги надвладее другите состојки.
Сервирајте веднаш
Шопската салата е највкусна кога ја подготвувате непосредно пред јадење. На овој начин, зеленчукот останува крцкав, сирењето ја задржува својата текстура, а сите вкусови доаѓаат до израз.
ВИДЕО | Светнато тавче само со една состојка: Лесно го реши проблемот што ги мачи многу домаќинки


