EPA-EFE/NEIL HALL

Радев меѓу Украина и Русија: Киев го критикува, Москва го поздравува

Одбивањето на бугарскиот премиер Румен Радев да ѝ дозволи на земјата да се приклучи на новоформираната „Коалиција на волјата“ за поддршка на Украина предизвика бран коментари на меѓународната сцена. Темата стана централна откако Радев, кој е во Париз за францускиот национален празник, потврди дека добил лична покана од претседателот Емануел Макрон, но одлучил Бугарија да не учествува во иницијативата за финансиска и воена помош на Киев, објавија бугарските медиуми.

Украинската државна новинска агенција Укринформ даде критички коментар на темата.

„Со овој потег Бугарија се оддалечува уште повеќе од мнозинството земји-членки на Европската унија кои отворено ја поддржуваат Украина“, објави медиумот.

Укринформ, исто така, потсети на претходните ставови на Радев против обезбедувањето бугарска воена опрема за Киев, додавајќи дека во својство на премиер тој продолжува цврсто да инсистира на мировни преговори меѓу Киев и Москва, наместо да ја зголемува воената помош.

Во спротивност со ставовите во Украина, водечките руски државни медиуми посветија сериозно внимание на изјавите од Париз, презентирајќи ги во позитивно светло.

Новинската агенција ТАСС ги нагласи зборовите на бугарскиот премиер дека конфликтот не може да се реши со продолжување со воени средства, туку бара дипломатија.

РИА Новости објави посебен напис во кој одлуката на Софија се опишува како отворено одбивање да учествува во иницијативи што водат до „понатамошна воена ескалација“.

Дневниот весник „Известија“ го анализираше случајот во поширок геополитички контекст, наведувајќи ја Бугарија како пример за продлабочувањето на разликите и пукнатините во паневропската унија во врска со долгорочната стратегија за поддршка на Украина.

Медиумите во Бугарија пишуваат дека ждодека бугарските гардисти маршираат на воената парада во француската престолнина, земјата останала без официјален претставник на паралелниот состанок на над 35 земји кои ја координираа помошта за Киев.

Радев, пак, коментираше дека „ЕУ може да биде силна само кога поединечните земји ги бранат своите интереси и ова однесување се почитува“.

„Критичарите на премиерот истакнаа дека таквата изолација од клучните формати на алијансата претставува ризик за меѓународниот авторитет на Бугарија во рамките на ЕУ и НАТО. Останува да се види како одлуката на владата ќе влијае на домашната политичка сцена, бидејќи Народното собрание сè уште има важечка одлука за обезбедување воено-техничка помош на Украина, која не е откажана од пратениците“, коментираат медиумите во Бугарија.

 

„Не ни е местото таму“: Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот