Населението на ЕУ ќе достигне врв во 2029 година, потоа со децении ќе се ситни
Населението на Европската унија од 27 земји ќе го достигне својот врв во 2029 година, пред да се намали во наредните децении, според извештај објавен денеска, кој става акцент на главните предизвици на населението кое старее, објави France 24.
Препорачано
Денес има 450,6 милиони луѓе, но истражувачите велат дека овој број ќе достигне врв од 453,3 милиони во 2029 година пред бавен долгорочен пад. Населението ќе се намали на 398,8 милиони луѓе до 2100 година, што е вкупен пад од 11,7 проценти и ниво кое последен пат беше забележано во 1970-тите од минатиот век.
Европејците живеат подолго од кога било досега благодарение на значително подобрената здравствена заштита и подобрите животни и социјални услови. Но, стареењето на населението претставува предизвик за општеството и економијата на ЕУ.
Заедничкиот истражувачки центар на извршната власт на ЕУ соопшти дека очекуваниот животен век достигнал 81,5 години во 2024 година.
До 2050 година, речиси еден од тројца жители на ЕУ ќе биде на возраст од 65 години или повеќе, во споредба со еден од петмина денес, соопшти центарот.
До 2100 година очекуваниот животен век би можел да надмине 90 години за жените и 86 години за мажите. Ваквите трендови претставуваат „значајни предизвици“, велат од ЕУ, вклучувајќи недостиг на работна сила, оптоварени јавни буџети и притисок врз системите за грижа и образование.
Сепак, не е сè негативно, бидејќи извештајот укажува на порастот на „сребрената економија“ – растечки пазар за стоки и услуги за постари граѓани.
„Живееме подолг и поздрав живот од кога било досега – едно од нашите најголеми достигнувања. Но, демографските промени ги преобликуваат нашите општества, нашите економии и нашите пазари на труд. Мора да дејствуваме сега за да ја претвориме оваа трансформација во можност“, наведува комесарката на ЕУ, Дубравка Суица во соопштението.
ЕУ инсистира дека блокот мора да ја зголеми продуктивноста и да ја намали невработеноста за да ги неутрализира ефектите од намалувањето на работната сила. Во моментов околу 20 проценти од Европејците во работоспособна возраст се надвор од работната сила, се вели во извештајот, додека околу осум милиони млади луѓе не се ниту вработени, ниту се образуваат, ниту се обучуваат.
Истражувачите велат дека миграцијата може да помогне во неутрализирање на некои ефекти од демографските промени во Европа, но би имала ограничено влијание врз целосното решавање на предизвиците што ги претставува стареењето на населението.


