Мариус Борг Хоиби, син на норвешката принцеза Мете-Марит, денеска е осуден на четири години затвор/Фото: EPA/Профимедиа

Откако беше осуден за силување, синот на норвешката престолонаследничка е пуштен во домашен притвор

Мариус Борг Хојби, синот на норвешката престолонаследничка Мете-Марит, е пуштен од затвор и во наредните четири недели ќе биде во домашен притвор со електронска алка, додека трае жалбената постапка против пресудата со која беше осуден на четири години затвор, пишува „Пипл“.

Според норвешките медиуми, 29-годишниот Хојби ќе престојува во куќа во близина на Скаугум, резиденцијата на неговата мајка и очувот, престолонаследникот Хокон, во Аскер.

Шефицата за комуникации на норвешката кралска куќа, Гури Варпе, изјави дека престолонаследничката двојка сака да му даде поддршка на Мариус во периодот низ кој поминува.

„Престолонаследникот и престолонаследничката сакаат да му помогнат во фазата во која се наоѓа во моментов“, изјави Варпе.

Норвешкото кралско семејство за време на божиќна фотосесија во резиденцијата Скаугум во Аскер, декември 2015 година / Фото: Profimedia

Мариус е син на Мете-Марит од врска пред нејзиниот брак со престолонаследникот Хокон во 2001 година. Тој не е дел од линијата на наследување на тронот и нема официјални кралски должности.

На 15 јуни годинава тој беше осуден на четири години затвор, откако судот го прогласи за виновен за повеќе кривични дела, меѓу кои и две точки за силување. Дополнително, му беше изречена и двегодишна забрана за приближување на една од жртвите.

Случајот привлече огромно внимание во Норвешка и фрли сенка врз кралското семејство. Постапката започна по неговото апсење во август 2024 година, кога беше осомничен за напад врз 20-годишна девојка. Подоцна, појавувањето на други жени со свои обвинувања доведе до проширување на истрагата, а против него беа поднесени десетици обвиненија, меѓу кои за силување и сексуална злоупотреба.

Хојби ја обжалува пресудата, која сè уште не е правосилна. Судот во Осло неодамна оцени дека постои ризик од повторување на кривични дела, но одлучи мерката притвор да ја издржува во домашни услови, под електронски надзор.

Во меѓувреме, норвешката кралска куќа соопшти дека престолонаследничката Мете-Марит е пуштена од болница по успешната трансплантација на бели дробови, извршена поради влошување на нејзината здравствена состојба предизвикана од хронична белодробна фиброза. Во својата прва порака по операцијата, таа изрази длабока благодарност до донорите на органи, медицинскиот тим, семејството и сите што ѝ испратиле поддршка.

ФОТО | Прва фотографија по трансплантацијата на белите дробови — принцезата Мете-Марит ја прослави историската победа на Норвешка на Светското првенство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот