Новите соларни и ветерни централи ќе мора да имаат батерии, казните до 10 отсто од приходот
Владата предлага измени на Закон за енергетика, со што се воведува годишен план за изградба на енергетски објекти, законска дефиниција на енергетската сиромаштија, задолжителни батериски системи, построги услови за лиценцирање, стручни испити за операторите и значително повисоки казни за прекршителите.
Задолжителни батериски системи за новите соларни и ветерни електрани, построги услови за добивање лиценци и воведување Годишен план за изградба на енергетски објекти се само дел од измените на Законот за енергетика со кои се воведуваат едни од најобемните реформи во енергетскиот сектор во последните години. Законот предвидува дефинирање на енергетската сиромаштија, нови финансиски критериуми за трговците со електрична енергија, задолжителни стручни испити за операторите на енергетски постројки и значително повисоки санкции за прекршување на законските обврски.
Препорачано
Една од најважните новини е што вршењето енергетска дејност без лиценца останува строго забрането, освен во законски утврдени исклучоци, какви што се одредени мали производствени капацитети за сопствена потрошувачка и поединечни проекти од обновливи извори на енергија. Истовремено, се воведува нова постапка за лиценцирање. Регулаторната комисија за енергетика ќе може да издаде лиценца за производство на електрична енергија само доколку Министерството претходно издало овластување за изградба на енергетскиот објект, со што се воспоставува појасна координација меѓу институциите.
Најголемо внимание привлекуваат новите правила за обновливите извори на енергија. Сите нови соларни и ветерни електрани ќе мора задолжително да располагаат со батериски систем за складирање електрична енергија.
„Складиштето на електрична енергија треба да има капацитет од најмалку 20, а најмногу 40 проценти од инсталираната моќност на електроцентралата“ – предвидува Законот.
Дополнително, батерискиот систем ќе треба да обезбедува најмалку двочасовен циклус на полнење и празнење, со цел поголема стабилност на електроенергетскиот систем. Од оваа обврска ќе бидат изземени проектите што се финансираат од државниот буџет или со кредити гарантирани од државата.
Годишен план за изградба
Законот воведува и нов инструмент за планирање на инвестициите.
„Владата донесува Годишен план за изградба на енергетски објекти“ – стои во Законот.
Со Планот секоја година ќе се определуваат приоритетните електрани и складишта за електрична енергија што ќе можат да се реализираат, земајќи ги предвид капацитетот на електроенергетската мрежа, националните енергетски цели и интересот на инвеститорите. За проектите што веќе се дел од Планот за 2025 година се предвидува дополнителен рок од 30 дена за доставување барање за овластување или дополнување на документацијата. Предлог-законот за првпат воведува законска дефиниција на поимот „енергетска сиромаштија“.
„Енергетска сиромаштија е состојба во која домаќинството има високи трошоци за енергија во однос на приходите, живее во енергетски неефикасен дом и не може да обезбеди соодветна температура и услови за здрав и достоинствен живот“ – стои во измените на Законот.
Со ова се создава законска основа за идни програми за поддршка на најранливите категории граѓани.
Новите обновливи извори што ќе се приклучуваат на дистрибутивната мрежа ќе бидат ограничени. Поединечна електроцентрала нема да може да има инсталирана моќност поголема од 10 мегавати, а вкупниот број вакви централи ќе зависи од капацитетот на трансформаторските станици и можностите на електродистрибутивната мрежа. Компаниите што ќе бараат лиценца за трговија или снабдување со електрична енергија, ќе мора да докажат дека располагаат со најмалку 100.000 евра во готовина или основни средства.
Воедно, трговците со горива и натаму ќе имаат законска обврска да одржуваат оперативни резерви на нафтени деривати, додека за трговијата со мазут, битумен и нафтен кокс се предвидува поголема флексибилност во начинот на складирање. Законот воведува и нови правила за лицата што управуваат со енергетски постројки.
Испитите ќе се организираат четирипати годишно, ќе содржат писмен и практичен дел, а по успешно полагање, Министерството ќе издава уверение. Воедно, Министерството добива можност самостојно да го организира електронското полагање на писмениот дел од испитот, наместо тоа задолжително да го врши надворешно правно лице.
Високи казни за прекршителите
Предлог-законот предвидува значително повисоки санкции. За злоупотреба на внатрешни информации, манипулации на пазарот на електрична енергија или гас и други најтешки прекршоци, глобите ќе достигнуваат до 10 проценти од годишниот приход остварен од лиценцираната енергетска дејност.
За недоставување извештаи, непочитување на обврските за сметководствена евиденција или неприменување мерки за сајбер безбедност се предвидуваат казни од 1 процент од годишниот приход. Компаниите што ќе вршат енергетска дејност без лиценца ќе се соочат со глоби од 700 до 10.000 евра, во зависност од големината на друштвото, додека за одговорните лица се предвидуваат дополнителни парични санкции, забрана за вршење должност до шест месеци, а за најтешките прекршоци и забрана за вршење дејност до две години.
Со предложените законски решенија, Владата оценува дека ќе се создаде појасна и постабилна регулаторна рамка, ќе се забрза реализацијата на енергетските инвестиции, ќе се зајакне сигурноста на електроенергетскиот систем и ќе се обезбеди поголема правна сигурност за сите учесници на енергетскиот пазар. Истовремено, компаниите ќе треба да се приспособат на значително построги технички, финансиски и административни правила, кои ќе важат за идните енергетски проекти.
Ќе се проверува цената на вештачките ѓубрива за да не скокнат цените на овошјето и зеленчукот


