Мета, Гугл - Фото: no, Credit line: Harun Ozalp / AFP / Profimedia

„Мета“ со вештачка интелигенција одлучувала кој ќе добие отказ, сега се соочува со тужби

„Мета“ се соочува со тужба во САД во која 26 поранешни вработени тврдат дека компанијата користела системи со вештачка интелигенција за да одлучува кои работници ќе бидат отпуштени за време на масовните кратења на работни места. Според „Гардијан“ (The Guardian), тужбата е поднесена пред федерален суд во Калифорнија.

Тужителите наведуваат дека интерните системи на компанијата ги анализирале работните перформанси, продуктивноста и податоците добиени преку следење на активноста на службените компјутери, а потоа врз основа на тие информации ги рангирале вработените за отпуштање.

Во тужбата се тврди дека ваквиот систем непропорционално ги погодил лицата кои биле на породилно отсуство, боледување или користеле законски загарантирани права поради инвалидитет. Според адвокатите, отсуствата влијаеле врз достапноста на податоците за продуктивност, поради што овие работници добивале пониски оценки.

Меѓу тужителите има научничка која била известена за отказ само два дена пред породувањето, инженер кој тврди дека добил пониска оценка поради боледување и менаџер отпуштен само 16 дена по отворањето на боледување.

Тужителите бараат судот привремено да ги запре отпуштањата, да им овозможи враќање на работа и да им бидат исплатени заостанатите плати, акции и останати бенефиции.

Од „Мета“ ги отфрлаат обвинувањата. Портпарол на компанијата изјавил за „Гардијан“ дека тврдењата се неосновани и дека одлуките за отпуштања ги носеле луѓе, а не системи со вештачка интелигенција.

Според „Гардијан“, компанијата претходно вовела програма за следење на активностите на вработените, која собирала информации за користење на тастатурата и глувчето, историја на пребарување, електронска пошта, пораки и податоци за локација на службените уреди. По негативните реакции од вработените и петиција потпишана од повеќе од 1.600 лица, извршниот директор Марк Закерберг во јуни објавил дека програмата е суспендирана.

Адвокатите на тужителите бараат независна ревизија на системите со вештачка интелигенција, тврдејќи дека компанијата не открила како функционирал процесот на избор на вработените за отпуштање. Отпуштените работници, кои формално остануваат вработени до 22 јули, бараат и да останат анонимни за време на судската постапка поради страв од можна одмазда.

„Мета“ се соочува со казна од 1,4 билиони долари ако се докаже дека „Фејсбук“ и „Инстаграм“ го нарушуваат менталното здравје на тинејџерите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот