Владата усвои нова стратегија за борба против измами со европски пари
Владата ја усвои Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската Унија за периодот 2026–2030 година, со која се предвидува зајакнување на механизмите за спречување, откривање и санкционирање на злоупотребите поврзани со јавните и европските средства.
Препорачано
Од Министерството за финансии информираат дека документот е изготвен во согласност со обврските од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), во рамки на Поглавје 32 – Финансиска контрола. Стратегијата има за цел да ја подобри дисциплината и транспарентноста во користењето на националните и европските фондови, како и да обезбеди поефикасна заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјата.
Со новата стратегија се предвидуваат реформи во четири клучни области: превенција на неправилности и измами, нивно навремено откривање, ефикасна истрага и гонење, како и враќање на неправилно потрошените средства и изрекување соодветни санкции. Од Министерството очекуваат документот да придонесе за посилна превенција, подобри механизми за откривање злоупотреби, побрзо процесирање на сомнителните случаи и поефикасно санкционирање на сторителите.
Првата Национална стратегија за борба против измами беше донесена во 2019 година, со цел унапредување на законската, институционалната и оперативната рамка за спречување и откривање злоупотреби при користењето на европските фондови.


