Скандалозна изјава на српска министерка: Етнички би го исчистила Косово во 1998 година
Српската министерка за државна администрација и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, наиде на остри критики откако изјави дека „етнички би го исчистила Косово во 1998 година“, јавува „Н1“.
Препорачано
Министерката Пауновиќ, која е родум од Пеќ, во интервју емитувано во саботата на ТВ Курир, рече дека би го направила тоа доколку била на местото на тогашниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ.
„А сега, за нашите недостатоци и за нашата глупост: да бев Слободан Милошевиќ, етнички ќе го исчистев Косово во 1998 година. И ова е најгрубата квалификација што сум ја кажала некогаш во животот“, рече Пауновиќ.
Таа додаде дека Албанците не би ги „ликвидирала“ на начинот на кој, како што наведе, тие се обидуваат „до денес етнички да го исчистат Косово“, туку така што секој што се чувствува помалку како жител на Сојузна Република Југославија би ја напуштил земјата и би заминал во својата матична држава.
„А оние што се определиле за терористички акции, да бидат ликвидирани на начинот на кој обично се пресметува со терористите и денес, а камоли во тоа време“, порача Пауновиќ.
Сепак, таа додаде дека Милошевиќ и Социјалистичката партија на Србија (СПС) никогаш немале однос кон ова прашање каков што има таа.
„Од мене денес, во зрелите години, зборуваат и тагата, и гневот, и разочарувањето, и што и да сакате. И лесно можам да го кажам тоа, по сè што се случи. Многу е полесно јас да го кажам тоа отколку некој да го направи во 1998 година. Меѓутоа, судбината на Слободан Милошевиќ суштински не би се променила дури и ако направеше такво нешто. Веќе го прогласија за џелат“, изјави таа.
Пауновиќ е членка на СПС од 1992 година, а потпретседателка е од 2024 година, се наведува во нејзината официјална биографија.
За народна пратеничка првпат е избрана во 2013 година, а во два мандата ја извршувала функцијата потпретседателка на Собранието.
Како е уапсен Слободан Милошевиќ: 72 часа во кои се збија целите деведесетти
Милошевиќ во Хаг беше обвинет за етничко чистење
Милошевиќ пред Хашкиот трибунал беше обвинет за воени злосторства во Косово.
Според обвинението на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, Милошевиќ направил заговор чија цел била протерување на значителен дел од косовското албанско население за да се обезбеди српска контрола врз покраината.
Во обвинението се тврдеше дека силите под негова контрола протерале околу 800.000 косовски Албанци, убиле стотици мажи, жени и деца, сексуално злоставувале многу жени и уништиле и ограбиле имот на косовските Албанци.
Судењето на Милошевиќ не заврши со судска пресуда, бидејќи почина во март 2006 година во притворската единица на Трибуналот од последици на срцев удар.
Реакција од Европската комисија
Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, изјави дека во Европа нема место за реторика што оправдува и застапува етничко чистење, коментирајќи ја изјавата на министерка Пауновиќ.
Како што рече Хипер, таквата изјава е спротивна на обврските што Србија ги прифати во рамки на дијалогот под покровителство на Европската Унија за нормализација на односите со Косово.
Таа нагласи дека се очекува воздржување од запалива реторика, како и придонес кон градење меѓусебна доверба и регионална стабилност.
Одговарајќи на прашањата зошто Србија добива позитивни препораки од Европската комисија за отворање нови кластери и покрај ваквите изјави, портпаролот на Комисијата, Гијом Мерсие, истакна дека оценките се однесуваат на конкретни области што биле побарани од Србија во нон-пејпер документот од 2024 година – реформата на правосудството, Регулаторното тело за електронски медиуми и изборните закони.
„Тоа не значи дека целата ситуација е подобрена“, рече Мерсие, додавајќи дека и понатаму постојат загрижености во одредени области.
Конфликтите во Косово започнаа пред 40 години, што е сменето оттогаш?


