Европа: Долче вита со вештачката интелигенција?
Анемичниот економски раст, стареењето на државите на благосостојба и недостигот од политички лидери од центарот најавуваат дека Европа во наредните години ја очекува должничка криза. Но, тоа што му дава предност на слободното време пред работата би можело да се покаже како нејзина најголема предност во ерата на изобилството што ја носи вештачката интелигенција (ВИ).
Се чини дека Европската Унија, во многу аспекти, ќе биде меѓу најголемите губитници на револуцијата на вештачката интелигенција (ВИ), додека Кина и Соединетите Американски Држави ќе ги остават нејзините економии далеку зад себе. Дури и кога европските енергетски политики не би ја правеле изградбата на големи дата-центри речиси финансиски невозможна, нејзините фрагментирани пазари на капитал би го направиле обезбедувањето на потребните средства исклучително тешко.
Препорачано
Високото даночно оптоварување во Европа дополнително го отежнува создавањето и задржувањето врвни експерти за ВИ, а да не зборуваме за нивно привлекување од странство. Во исто време, сè пообемната државна регулатива ги обесхрабрува основањето нови компании и претприемачките иницијативи.
Но, дури и без процутот на ВИ, европските држави на благосостојба, соочени со стареењето на населението, изгледаат сè помалку стабилни. Економскиот раст е речиси замрзнат – Германија, најголемата европска економија, практично стагнира додека повторното вооружување врши сè поголем притисок врз јавните финансии. Ситуацијата дополнително ја отежнува недостигот од политички лидери со центристичка ориентација, способни да ги зауздат популистичките движења и на левицата и на десницата, кои, доколку дојдат на власт, најверојатно би биле наклонети кон уште поголемо зголемување на јавната потрошувачка. Поради сето тоа, голема криза изгледа речиси неизбежна.
Па сепак, Европа има една клучна предност: нејзините општества, во приспособувањето кон светот на изобилството, отидоа многу подалеку од американското и азиските општества. Благодарение на дарежливите системи на социјална заштита и даночните системи што ги поттикнуваат луѓето да бараат исполнување и надвор од пазарот на трудот, Европејците, генерално, се помалку насочени кон кариерата отколку повеќето Американци или Азијци и многу повеќе ги ценат слободното време, заедницата и културата. Тие користат подолги годишни одмори, работат помалку часови и повеќе време поминуваат со семејството и пријателите, иако ни тоа не ја исклучи Европа од глобалниот пад на наталитетот.
Додуша Европската Унија во моментов се обидува да изгради општество на изобилство, а притоа истовремено ја поткопува економската динамика неопходна тоа изобилство навистина да се создаде. Ако глобалните реални каматни стапки останат високи подолг временски период, големиот товар на јавниот долг ќе продолжи да го забавува економскиот раст. Со оглед на оптоварените јавни финансии, воопшто не е јасно како европските економии би можеле да издржат некој голем шок – без разлика дали станува збор за сајбер војна, конфликт околу Тајван или некој друг настан – а притоа да не предизвикаат нова должничка или финансиска криза.
Сепак, добрата вест е дека должничките кризи порано или подоцна завршуваат. Ако вештачката интелигенција навистина донесе драматично зголемување на продуктивноста, а притоа не се остварат катастрофалните сценарија на кои предупредуваат технолошките скептици, Европа би можела да стане водечка светска дестинација кога станува збор за квалитетот на животот. Луѓето би можеле да доаѓаат не само за да купуваат луксузни производи, туку и за да научат како најдобро да го искористат новостекнатото слободно време.
Ако Европа е во состојба да го научи светот како да живее во ерата на изобилството, тогаш би можела многу да им понуди и на креаторите на јавните политики кога станува збор за управувањето со такво општество. Нејзиниот систем на данок на додадена вредност (ДДВ), на пример, сè повеќе наликува на даночен модел создаден за економија по ерата на трудот – или барем за економија во која потрошувачката се оданочува повеќе отколку приходот од работа. Данокот на потрошувачка, генерално, е поефикасен и помалку ги нарушува економските поттикнувања отколку данокот на доход, а воедно ја поттикнува и штедливоста, иако неговата примена може да биде нешто посложена.
Покрај тоа, ДДВ политички е многу полесно да се спроведе отколку данокот на богатство, а сепак постигнува многу од истите цели, бидејќи ја намалува куповната моќ на капиталот. Точно е дека ДДВ може да има регресивни ефекти, но тие стануваат многу помалку проблематични кога приходите од тој данок се користат за финансирање значајни трансфери кон домаќинствата со ниски и средни приходи.
Долгогодишниот европски политички консензус во корист на прераспределбата на доходот и богатството би можел да се покаже како неочекувана предност. Ако ВИ значително го намали уделот на трудот во вкупниот доход, општествата што веќе се навикнати на редистрибутивни политики веројатно полесно ќе се приспособат од оние во кои трудот е главниот извор на приходи и темел на општествениот поредок.
Голем предизвик, меѓутоа, останува имиграцијата. Европските држави со релативно дарежливи системи на социјална заштита многу потешко интегрираат големи приливи на мигранти отколку пазарно ориентираниот систем во САД. Во Америка, имигрантите знаат дека мора да најдат работа, бидејќи правото на федерални социјални надоместоци во голема мера зависи од нивниот имиграциски статус. Во поголемиот дел од Европа, пак, на барателите на азил и на лицата со признаен бегалски статус им се обезбедени сместување и социјални надоместоци на товар на јавните средства, што дополнително ги оптоварува и онака преоптоварените системи на социјална заштита. Со оглед дека луѓето ќе имаат повеќе слободно време, а помалку економски можности, граѓаните би можеле да станат уште почувствителни на она што го доживуваат како конкуренција од доселениците, што би создало плодна почва за уште поотровна политичка атмосфера.
И покрај сите сегашни енергетски проблеми на Европа, сликата за десетина години би можела да изгледа сосема поинаку. Под претпоставка дека зелените технологии ќе продолжат да напредуваат, континентот на крајот би можел да се најде на вистинската страна на енергетската историја. Наспроти тоа, обновеното потпирање на Америка врз фосилните горива за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп би можело да доведе до тоа САД да се соочат со релативно високи трошоци за енергија, наместо да ја задржат ценовната предност во која долго уживаа.
Европа има уште една, помалку видлива политичка предност: на нејзина територија не се разви истата класа технолошки олигарси каква што се појави во Соединетите Американски Држави. Тоа, заедно со отсуството на политичка фигура слична на Трамп, можеби е една од причините поради кои Европа беше нешто поуспешна во зачувувањето на демократските норми.
Меѓутоа, ништо од ова не ја намалува сериозноста на предизвиците со кои Европа се соочува во свет во кој вештачката интелигенција има централна улога. Нејзиното релативно економско заостанување би можело да потрае уште со години. Но, ако ВИ ги исполни очекувањата и го воведе светот во ера на материјално изобилство, Европа би можела да открие дека нејзината најголема компаративна предност не лежи во развојот на најнапредните системи, туку во покажувањето како може добро да се живее во светот што тие системи ќе го создадат.
За жал, како што сакаат да кажат шахистите, помеѓу отворањето и завршницата, боговите ја создале средишната игра. Европа можеби има убедлива визија за животот во ерата на изобилството, но најнапред мора да го пронајде патот како воопшто да стигне до тоа време.
(Авторот е професор по економија и јавни политики на Универзитетот Харвард)
Вијести
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


