Баухаус во Десау и политиката на АфД
Можно е фантазијата на АфД за нејзиното доаѓање на власт во Саксонија-Анхалт да биде само лоша копија на нацистичката иконографија.
Деновиве партијата АфД во Саксонија-Анхалт објави дека, доколку дојде на власт во покраината во Источна Германија, има намера фокусот да го стави врз културата. Тоа за познавачите на историјата на Баухас е „дежа ви“ кое се повторуваше во неколку периоди. Тоа покажува дека АфД нема свој оригинален концепт, туку ја гради својата идеологија имитирајќи го однесувањето на старите фашисти и тоталитарни режими.
Препорачано
Прочуената уметничка академија Баухаус, основана во 1919 од легендарниот архитект Валтер Гропиус, беше во тоа време симбол за најмодерните естетски критериуми и уметнички стремежи. Затоа не само во тој историски момент, туку и во сета историја на светската култура, Баухаус беше и остана симбол за слобода, креативност и еманципаторски дух, не само во естетскиот концепт, туку и во однос на политичката и социјалната димензија на студиите. Имено, дотогаш жените во Германија немаа право да студираат на уметничките академии. Веќе само овој аспект од академската концепција на Гропиус беше доволен да ја направи Баухаус револуционерна. Другиот значаен аспект во образовниот карактер на Баухаус беше тоа што конкурсот распишан од Гропиус беше интернационален. Тоа придонесе во оваа уметничка школа да студираат млади луѓе од цела Европа. И, секако, тоа беше плодотворен фактор за слободоумност и толерантноста на прочуените имиња меѓу професорите. Да ги споменеме само некои: Паул Кле, Василиј Кандински, Ото Мохољи-Наџи, Лајонел Фајнингер, Јоханес Итен, Оскар Шлемер и др. Се разбира, првичната визија беше на Валтер Гропиус.
Баухаус беше основана во времето на Вајмарската република во Германија, токму во градот Вајмар. Првата фаза од 1919 до 1924 беше проследена со конфликти со конзервативните и националистички настроени политичари и уметници во градот, според кои Баухаус застапувал левичарски идеи. Иако партијата НСДАП на Хитлер во 1924 беше забранета, нејзините застапници во Тирингија ја исползуваа националистичката партија, „Обединета народна листа“ (Vereinigte Völkische Liste) за да дојдат на власт. Оваа десничарска влада веднаш ја укина забраната на партијата на Хитлер, така што првпат членови на НСДАП учествуваа во владата во Тирингија. Секако, првата цел беше да ја преземат културата и образовниот ресор, затоа што Хитлер сакал да ја подготви почвата за својата нацистичка идеологија. Тирингија станала еден вид „полигон за вежба“. Првата мерка на новата влада била веднаш ја намали финансиската поддршка за Баухаус за 50 проценти.
Во 1925 година академијата ја покани да се пресели во индустрискиот град Десау тамошниот градоначалник, Фриц Хесе, близок на социјалдемократите. Тој имал поинаква визија од онаа на националистите, затоа што сакал естетскиот и уметничкиот потенцијал на Баухаус да го исползува за развојот на локалната индустрија. Така започна најплодната фаза во постоењето на Баухаус. Тогаш беше создаден модерен индустриски дизајн кој не изгуби ништо од привлечноста до ден-денес. Објектите како прочуената столна лампа на Вилхелм Вагенфелд, столицата „Васили“ на Марсел Бројер или фотелјата „Барселона“ на Мис ван дер Рое станаа прочуени како класика на модерниот дизајн.
Заеднички проглас
Деновиве не само Фондацијата „Баухаус“, но и други културни институции и здруженија излегоа со заеднички проглас, откако АфД во Саксонија-Анхалт ја објави својата „нова патриотска политика во културата“. Културните институции гледаат во оваа „патриотска“ најава обид на АфД, доколку дојде на власт во Саксонија-Анхалт, да ја најави својата претстава за историското паметење, уметноста и културната разновидност, притоа следејќи ги националистичките симболи и идентитетски урнеци, познати од минатото на Германија. Тие предупредуваат дека АфД ќе се обиде да ја ограничи слободата на уметноста, еманципаторскиот дух на културните институции и демократската култура на сеќавање.
Навистина, не е само Бјорн Хеке единствениот во АфД кој се стилизира во настапите по урнекот на Адолф Хитлер, со мимика и говор што небаре ги студирал пред огледалото, како глумец на Хитлер во игран филм.
Очигледно и други политичари во партијата се „вежбале“ на примерот на НСДАП во Тирингија во дваесеттите. Тоа само покажува дека злото не е само банално, како што истакна Хана Аренд, туку дека тоталитарните и националистички партии не се креативни, туку епигонски ги копираат старите фашистички модели. Шеф-идеологот во Саксонија-Анхалт, Ханс-Томас Тилшнајдер, навестува во режија на АФД „Културна револуција“. Новата десница како АфД навистина го копира во целост моделот на освојување на власта на старите фашистички партии, според кои тој што ја поседува хегемонијата врз културата, ја поседува и власта. Очигледно АфД учела од програмата на Хитлеровата партија во Тирингија во триесеттите, кога акцентот бил ставен врз образованието и школството, бидејќи така политиката добила можност да влијае врз најмладите.
Баухаус како симбол
На овие фантазии и планови на АФД во Тирингија енергично се спротивстави Австријката Барбара Штајнер. Таа веќе пет години раководи со Фондацијата Баухаус во Десау. Баухаус е најпознатата и најважна културна институција во Саксонија-Анхалт, поддржана од покраината со еден милион евра во годината. Штајнер има искуство во борбата со австриската радикална десница во времето кога работела во Грац. Затоа што АфД одамна го критикувала раководството на Баухаус дека избегнува „секаква национална обоеност“, Барбара Штајнер во таа реторика ја препознава реториката со која во минатото НСДАП на Хитлер го критикуваше интернационализмот на Баухаус. Доколку АФД би била во мнозинство во советот на фондацијата Баухаус, тогаш таа навистина би можела да промени сè, истакнува Штајнер во едно интервју. Од седумте члена во советот на фондацијата, тројца се секогаш претставници на покраинската влада. Доколку на АфД навистина би ѝ успеало да ја маргинализира академијата Баухаус, скратувајќи ѝ ги средствата, тогаш тоа би бил симбол со меѓународно значење. Токму затоа што Баухаус е симбол во целиот свет за еманципаторската и консеквентна модерна естетика на татковците во Баухаус. Затоа постојано се истакнува во културната јавност дека Баухаус како мета за напад е важна институција за АфД, затоа што таа често се дефинира преку симболика.
АфД најавува дека кога премиер во оваа покраина би станал Улрих Зигмунд, тогаш меѓу неговите први одлуки би била промената во прописот за знамињата. За да се забрани истакнувањето знамиња со виножито. Но затоа во школите би се веело германското знаме, децата секој ден би ја пееле националната химна, а би се забраниле сите проекти против расизмот. Во наставничките колегиуми во Саксонија-Анхалт веќе владее загриженост дека, доколку АфД дојде на власт, би можеле да се очекуваат дисциплински мерки поради божемната досегашна индоктринација на учениците со левичарска идеологија. Сè почесто наставниците стравуваат дека не ќе смеат слободно да го изразат своето мислење. Една наставничка веќе сега добила и-меил од ученичка што ѝ напишала дека „се надева дека наскоро ќе дојде крајот на лево-зеленото дрдорење“.
Тоа значи дека АфД го поставува фокусот врз образованието затоа што посакува неограничена власт, а тоа може да го оствари само во оваа област, бидејќи во Германија за училишната политика одлучуваат покраинските влади. Но омразата кон Баухаус црпи сила и од друг извор на национална симболика. По Втората светска војна, во ДДР, Баухаус беше неколку години забранета, затоа што се сметаше за премногу модернистичка, граѓанска и декадентна, што не одговараше на советската идеологија за народна уметност. Архитектурата на Баухаус беше отфрлена како „капиталистички формализам“. Дури во седумдесеттите поранешни архитекти од Баухаус, како Селман Селманагиќ, го поттикнаа обновувањето на Баухаус во ДДР. Не е исклучено АфД да очекува со критиката на Баухаус симпатии кај оние граѓани во Саксонија-Анхалт, кои денес се носталгични по заштитеноста во затворениот свет на раната ДДР. Можно е фантазијата на АфД за нејзиното доаѓање на власт во Саксонија-Анхалт да биде само лоша копија на нацистичката иконографија. А тоа би било логично. Зашто Германија не го имаше само Хитлер, туку и Хегел. Тој предупреди дека историјата се повторува, еднаш како трагедија, вторпат како трагикомедија.
(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)
Дојче веле
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


