Тројца Руси се обвинети за хакерски напади врз банки и болници — Америка нуди 10 милиони долари за нивно фаќање
Американското Министерство за правда вчера објави обвинение против тројца руски државјани кои наводно им помагале на хакери да напаѓаат болници, училишта и банки низ САД, предизвикувајќи штета од околу 62 милиони долари, објави „Си-ен-ен“.
Препорачано
Обвинението се однесува на една од најдрските услуги што им се нудат на киберкриминалците – таканаречените „булетпруф хостинг“ услуги, кои им изнајмуваат интернет-инфраструктура на хакери и тврдат дека им обезбедуваат засолниште од органите на прогонот.
Американските обвинители ги обвинија двајцата Руси, Александар Волосовик и Кирил Затолокин, дека управувале со ваков провајдер од корпоративна канцеларија во Санкт Петербург.
Во кривичниот заговор е обвинета и Русинката Јулија Панкова.
Обвиненијата вклучуваат заговор за измама преку електронски комуникации и преку перење пари.
Според Министерството за правда, компанијата „Медиа ленд“, со седиште во Русија, обезбедувала услуги за бројни криминални групи кои стојат зад десетици напади врз жртви.
Компанијата е основана во 2015 година и се наоѓа во полуиндустриски дел на Санкт Петербург.
Американскиот Стејт департмент сега нуди награда до 10 милиони долари за информации што би довеле до компанијата и до нејзините раководители, додека истрагата продолжува.
Американските и европските органи на прогонот ги следеле Волосовик, Затолокин и Панкова со години.
Кога американското Министерство за финансии им воведе санкции минатата година, објави и фотографија на Затолокин како држи оружје и носи маица со логото на „Медиа ленд“.
„До денес, најверојатно сè уште ги штитат криминалните активности“, изјави Брет Ледерман, помошник-директор на одделот за киберкриминал при ФБИ.
Тој додаде дека ФБИ внимателно ќе следи дали акцијата против „Медиа ленд“ ќе ги натера киберкриминалците да побараат други слични провајдери.
„Во моментов го анализираме тоа за да разбереме каде може да се пренасочат и какви можности ќе имаат органите на прогонот и разузнавачката заедница да ги таргетираат“, рече Ледерман.
ФБИ: Руски хакери ги напаѓаат корисниците на Сигнал, цел им се политичарите и армијата
Кибервojната продолжува
Мајкл Деболт, претседател и директор за разузнавање во безбедносната компанија „Интел471“, ги опиша ваквите провајдери како „гориво за подземниот свет на киберкриминалот“.
ФБИ, Тајната служба на САД и други агенции со години спроведуваат операции против групи кои секоја година изнудуваат стотици милиони долари од жртвите.
Иако во администрацијата на Џо Бајден се разгледувала можноста да се забрани плаќањето откуп, идејата била отфрлена поради можните негативни последици за одредени жртви.
Со оглед на тоа што Русија и понатаму обезбедува засолниште за хакерите, агентите на ФБИ се обидуваат да го ограничат проблемот преку таргетирање на нивната компјутерска инфраструктура, дел од која се наоѓа надвор од Русија.
Обвинението е дел од серијата западни акции против руски криминални и државно поддржани хакерски групи во изминатата недела.
Британската влада и Европската Унија во понеделникот ја обвинија руската разузнавачка служба ФСБ дека минатата година се обидела да ја хакира полската електроенергетска мрежа, напад што можел да остави без струја околу половина милион луѓе.
Во меѓувреме, холандската разузнавачка служба обвини руски државно поддржани хакери дека систематски пробивале безбедносни камери низ Европа за да ги следат воените транспортни маршрути и испораките на оружје за Украина.
Според Ледерман, американските власти продолжуваат редовно да предупредуваат за руските државно поддржани кибернапади бидејќи, по краток период на затишје по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, во последната година е забележан нов пораст на руските кибернапади насочени кон САД.
Севернокорејски хакери краделе идентитети на луѓе од Србија и од Босна и Херцеговина


