Скара / Фото: Flickr / USDAgov

Онколозите ги избегнуваат овие два зачина

Научните истражувања покажуваат дека ризикот од рак може да се намали за помеѓу 30 и 40 отсто ако се придржувате кон здрава исхрана и здрав начин на живот. 

– Исхраната е еден од факторите на кои можеме да влијаеме – вели за „Парада“ д-р Марк Ашамала, началник на радиолошката онкологија во Епископал хелт сервисес.

Сепак, тој нагласува дека ова не значи дека треба опсесивно да размислувате за сè што јадете и пиете. Многу е поважно она што го јадете поголемиот дел од времето од она што ќе го изедете или испиете во посебни пригоди.

– Ракот не го предизвикува една намирница или зачин. Ризикот се развива со текот на времето и зависи од бројни фактори, вклучувајќи генетика, возраст, пушење, консумирање алкохол, телесна тежина, физичка активност (или недостаток од неа), изложеност на штетни влијанија од животната средина и целокупна исхрана – објаснува тој.

Со тоа се согласува и д-р Авишек Кумар, онколог.

– Исхраната е важна, но не затоа што некоја намирница чудесно предизвикува или спречува рак. На пациентите тоа им го објаснувам едноставно: превенцијата од рак речиси никогаш не е прашање на еден совршен оброк. Важни се навиките што ги повторувате со текот на годините – рекол тој.

Веројатно веќе ги знаете основните правила на здравата исхрана: што е можно повеќе цели и минимално преработени намирници и ограничување на ултрапреработената храна богата со шеќер и натриум. Меѓутоа, веројатно никогаш не сте  размислувале многу за зачините и додатоците во јадењата. Токму меѓу нив постои еден што треба да се избегнува во секојдневната употреба бидејќи, велат, може да го зголеми ризикот од рак.

Општи совети од онколог за исхраната

Д-р Кумар вели дека пациентите често го прашуваат како можат да го намалат ризикот од рак преку исхрана.

– Мојот совет е едноставен: јадете повеќе вистинска храна, а помалку високо преработена. Тоа значи повеќе зеленчук, овошје, грав, леќа, интегрални житарки, јаткасти плодови, риба и немасни протеини. Истовремено, намалете го внесот на преработено месо, алкохол, засладени пијалаци и храна со многу додаден шеќер – вели тој.

Ваквите препораки се потврдени од бројни научни студии. Студиите постојано покажуваат дека медитеранската исхрана, како што ја опишува д-р Кумар, е поврзана со помал ризик од развој на рак.

Кога станува збор за намирници што треба да се ограничат, двајцата онколози препорачуваат намалување на внесот на преработено месо, алкохол и засладени пијалаци, додека црвеното месо треба да се јаде умерено.

Покрај тоа, важно е да се одржува здрава телесна тежина.

– Дебелината е поврзана со поголем ризик од голем број видови на рак, вклучувајќи рак на дојка во постменопауза, рак на дебело црево, рак на ендометриум, на бубрезите, црниот дроб, панкреасот и други – објаснува д-р Ашамала.

Она што не е потребно, според двајцата експерти, се екстремни диети, програми за детоксикација, разни чистења на телото или додатоци во исхраната (суплементи) што ветуваат заштита од рак.

– Мојот општ совет е да не се фокусирате на страв или совршенство, туку на долгорочни обрасци на исхрана – вели д-р Ашамала.

Иако нема потреба да ја анализирате секоја намирница што ќе ја изедете, важно е да ги разберете ризиците од сè што редовно консумирате, дури и ако тоа е мал додаток на јадењата.

– Малите одлуки не изгледаат важни во тој момент, но се собираат со текот на времето – вели д-р Кумар.

Меѓу производите што д-р Кумар ги избегнува во секојдневнаta исхрана се додатоците направени од преработена сланина. Тие вклучуваат мали парчиња сланина што се ставаат врз салати и тестенини, намази од сланина и слични индустриски производи.

– Не затоа што една порција е опасна. Проблемот е долготрајното и често консумирање на преработеното месо. Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицираше преработеното месо како канцерогено за луѓето, а најсилната врска е утврдена со ракот на дебелото црево – објаснува тој.

Тој додава дека преработеното месо што се конзервира со чадење, саламура, солење или додавање конзерванси содржи нитрити и нитрати, кои во организмот можат да создадат соединенија што ги оштетуваат клетките.

Покрај додатоците на база на сланина, тој препорачува ограничување на употребата на сос за печено место со висока содржина на шеќер.

– Многу сосови за печено месо, односно за скара, се практично засладен сируп со арома на чад. Често меѓу првите првите состојки содржат додаден шеќер, пченкарен сируп или сируп од пченка со висока содржина на фруктоза. Една лажица не е проблем. Проблемот се јавува кога таквите слатки додатоци стануваат дел од дневната исхрана богата со шеќер и ултрапреработена храна – објаснува тој.

Прекумерниот внес на додаден шеќер во текот на подолг временски период може да придонесе за зголемување на телесната тежина, дебелина, инсулинска резистенција и хронични воспаленија.

– А токму дебелината и хроничните воспаленија се поврзани со поголем ризик од неколку видови рак, вклучувајќи рак на дојка, на дебелото црево, ендометриумот, панкреасот, црниот дроб и бубрезите – вели д-р Кумар.

Тој додава дека сосот за скара (познат и кај нас како барбекју) често се користи со преработено или силно запечено месо, поради што не би го вклучил меѓу додатоците што треба да се користат секој ден.

– Не ме загрижува повремената летна скара. Ме загрижува навиката што трае со години – истакнува тој.

Со што да се заменат сланината и сосовите полни со шеќер

Постојат многу поздрави начини да ја зачините храната отколку додатоците од сланина или сосот за печено месо полн со шеќер.

Ако сакате чаден или пикантен вкус, д-р Ашамала препорачува чадена мелена пиперка, печурки, карамелизиран кромид, маслинки, зачински билки, лук или домашни сосови на база на јогурт или оцет.

Д-р Кумар како добри алтернативи ги наведува сенфот, свежата салса, хумусот, цацики или едноставен прелив од маслиново масло и оцет.

Во Македонија нагло расте бројот на пациенти со рак на кожата – меланом

Тројца онколози велат дека овој појадок помага во превенција на ракот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот