Во Македонија нагло расте бројот на пациенти со рак на кожата – меланом
Значително се зголемува бројот на новодијагностицирани пациенти со рак на кожа – меланом, соопшти денеска директорот на Клиниката за онкологија доктор Игор Стојковски. Меланомот важи за еден од најсмртоносните видови рак. На Клиниката за онкологија во моментов функционираат три акцелератори, од кои еден е ставен во функција минатата година, откако десетина години бил затворен во магацин. На Клиниката денеска беше претставен и нов апарат за зрачење на метастази во мозокот за што пациентите досега биле упатувани во странство.
Препорачано
-До пред четири-пет години на Клиниката имаше околу 5.000 пациенти годишно со рак на дојка, а оваа година и лани имаме 7.000. Кај пациенти со канцер на бели дробови имаме 1.200 годишно во 2020 година, а оваа година се околу 1.743, а најдрастично покачување на преваленцата има кај пациентите со меланом – оваа година се 514 кои се третираат на Клиниката, а беа околу 200 во 2020, рече д-р Стојковски.
Според директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, има јасна корелација помеѓу продолжениот и квалитетен живот и вложувањата во терапијата. За 2026 година буџетот на Клиниката е околу 57 милиони евра, што е зголемување од 14 отсто во однос на минатата година.
-Конкретно, за рак на дојка, во 2020 издвојувањата биле околу 700 евра по пациент, за сега да стигнат до 2.500 евра по пациент. Заради новооткриени и вкупен број на пациенти со рак на дојка буџетот за нив е скоро една третина од вкупниот буџет. Односот меѓу инциденца и преваленца е продолжување над седум години, што е битно поместување во однос на минатото. Кај ракот на бели дробови инциденцата се движи околу 600 до 700 случаи годишно, додека преваленцата односно вкупниот број тука е околу 1700. Очекувано тука бројот на живи пациенти е помал во однос на инциденцата затоа што е доста поагресивен и подоцна се открива, меѓутоа од односот меѓу инциденцата и преваленцата очекуваниот животен век е над две години, што е битно подобрување. И тоа е поврзано со зголемувањето на финансирањето, од неколку стотини евра, сега се вложува по 7.600 евра, а исто така во третманот на рак на бели дробови повеќе се вклучува имунотерапија – од 11 прценти во 2021, сега речиси 49 проценти од пациентите се вклучени на имунотерапија, и тука се гледа подобрувањето на животот на овие пациенти, изјави Клековски, посочувајќи дека статистиката се однесува на пациентите за чие лекување не било доволно хируршки третман туку се онколошки лекувани.
Клековски појасни дека зголемувањето од 14 отсто на буџетот во однос на минатогодишниот е и за набавка на лекови. Минатата година биле вклучени шест нови лекови, оваа година ќе има и два нови лека за рак на дојка, нова терапија ќе има и за канцер на простата и ќе се зголеми опфатот за 10 проценти за третман со имунотерапија.
-Ракот во еден дел од случаите веќе е хронична болест и е состојба со која ќе се живее подолго време и треба полека да се подготвуваме за пристап во согласност со фактот што пациенти ќе живеат подолго. Предизвикот е голем затоа што колку стануваме подобри во третманот, толку растат и потребите, како на пример од специфични видови терапија кои не секогаш моеме да ги предвидиме во нашиот систем, истакна Клековски.


