Каде се плаќа највисок данок на имот?
Поседувањето недвижен имот во Европа вклучува даноци во речиси секоја фаза – при купување, за време на поседување, издавање под наем и продажба. Колку ќе плати сопственикот зависи од земјата, даночните стапки и како се одредува вредноста на имотот. Податоците од Глобалниот водич за недвижности покажуваат дека постојат четири главни даночни оптоварувања: данок на пренос на недвижности, годишен данок на имот, данок на приход од закупнина и данок на капитална добивка, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Данокот на приход од закупнина има најголемо влијание врз профитабилноста на инвестицијата. За месечен приход од 1.500 евра, Данска наплаќа 42,11 проценти, Холандија 36 проценти, а Финска 30 проценти. На Кипар, почетната стапка може да биде нула, додека во Луксембург е 2,94 проценти. За кирија од 12.000 евра месечно, Белгија е на врвот со стапка од 47,27 проценти, по што следува Данска со 43,22 проценти, додека Германија и Грција наплаќаат околу 41 процент.
Во Италија, Португалија и Холандија, стапката не се менува со растот на приходите, додека земји како Австрија го вклучуваат приходот од кирија во редовниот данок на доход, па стапката расте заедно со вкупната заработка. Највисок данок на недвижен имот може да се плати во Белгија, каде што стапката достигнува 12,5 проценти. По неа следуваат Обединетото Кралство со максимум 12 проценти, Холандија со 10,4 проценти и Луксембург со десет проценти.
Купувач на имот вреден 500.000 евра во Брисел или Валонија без бенефиции би можел да плати 62.500 евра данок. Сепак, постојат значителни бенефиции за купувачите кои го решаваат станбеното прашање. Годишните даноци на недвижности не можат да се споредат само врз основа на номиналната стапка, бидејќи некои земји ја оданочуваат пазарната вредност, а други многу пониска катастарска или проценета вредност.
Во Шпанија, стапката во некои општини може да достигне 4,8 проценти, но се пресметува врз основа на катастарската вредност. Во Обединетото Кралство, сопственикот на имот вреден околу 300.000 евра може да плати помеѓу 2.000 и 3.200 евра годишно. Во Франција, Шпанија и Белгија, годишните обврски често се движат од 700 до 1.800 евра. Кипар и Малта воопшто немаат годишен данок на имот. Данокот на капитална добивка значително зависи од земјата и периодот на сопственост. Во Данска, може да достигне 52,07 проценти, на добивка од 250.000 евра, данокот може да биде околу 130.000 евра.
Малта не ја оданочува самата добивка, туку наплаќа данок на продажната цена, додека во Германија сопственик кој поседува имот повеќе од десет години може целосно да биде ослободен од данок на добивка. Белгија е најоптоварена, Кипар и Малта се меѓу најповолните. Кога се собираат даноците за купување, поседување, изнајмување и продажба, Белгија се издвојува како една од најскапите земји за сопствениците на имоти. На спротивната страна се Кипар и Малта. Кипар има ниски почетни даночни стапки на приходи од изнајмување, Малта не ги оданочува капиталните добивки.
Кралот Чарлс и принцот Вилијам првпат објавија колку платиле данок


