Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Бизнисот бара работници, но ги нема: има 100 илјади невработени, а нема кадар за компаниите

Бизнис-секторот ја поздравува државната поддршка за отворање нови работни места, но предупредува дека компаниите се соочуваат со сериозен проблем, а тоа е недостиг на соодветен кадар. Работодавачите бараат преквалификации и прочистување на евиденцијата на невработени во Агенцијата за вработување. До 24 јули ќе трае пријавувањето за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“, подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“, дел од Оперативниот план за вработување за 2026 година.

– Мерката ќе опфати 1.385 активни баратели на работа, а за нејзина реализација се обезбедени 5,4 милиони евра, информираше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, по состанокот со претставници на стопанските комори.

Тој ги повика микро, малите и средните компании, социјалните претпријатија и здруженијата на граѓани да аплицираат, нагласувајќи дека целта не е само вработување, туку и задржување на работната сила во земјата. За вработување млади лица до 29 години, компаниите ќе добијат поддршка од 250.000 денари по лице, за лица од ранливи категории грантот изнесува 220.000 денари, додека за невработени над 29 години се предвидени 160.000 денари по вработен.

Работодавачите, пак, ќе имаат обврска нововработените да ги задржат во работен однос одреден период – 15 месеци за младите лица, 12 месеци за ранливите категории и најмалку девет месеци за лица над 29 години. И покрај поддршката, стопанските претставници велат дека најголемиот проблем останува недостатокот на работници со потребните вештини.

-Имаме речиси 100.000 невработени, но не можеме да најдеме кадар што им е потребен на компаниите. Бројката на невработени лесно може да се намали, но проблемот е што нема луѓе со соодветни квалификации – изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нухи Алиу.

Тој побара формирање посебни фондови за преквалификација и обуки на лицата што се водат како невработени.

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, оцени дека мерката е позитивен чекор, но порача дека е потребно и ажурирање на списоците во Агенцијата за вработување, бидејќи реалната бројка на активни невработени, според него, е помала од официјално прикажаната.

-Компаниите добиваат поддршка за нови вработувања, но клучното прашање останува: каде се работниците што им се потребни? – вели Ѓорѓиевски.

Пакистанци и Бангладешани ќе ни готват и ќе ни градат куќи — бизнисот бара спас во увоз на работници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот