Mбапе знае каде бил проблемот на Франција: „Против Шпанија не можете да играте така“
Најголемата ѕвезда на француската репрезентација, Килијан Мбапе, не бараше оправдувања по елиминацијата од Шпанија во полуфиналето на Светското првенство. Францускиот напаѓач призна дека неговиот тим едноставно не бил на потребното ниво и дека поразот е целосно заслужен.
Препорачано
Мбапе не успеа да најде решение против одлично организираната шпанска селекција, која со победата обезбеди ново финале на големо натпреварување. Иако Франција важеше за фаворит пред мечот, особено по убедливите настапи на Мундијалот, тоа не успеа да го потврди на теренот.
Еден од оние на кои поразот најтешко им падна беше токму Мбапе, кој по натпреварот отворено зборуваше за причините за неуспехот. Наместо да го критикува судењето како што тоа го направи селекторот Дешамп, тој посочи дека главниот виновник е француската репрезентација.
„Игравме со тројца против двајца во средниот ред, а против Шпанија тоа е многу тешко. Фабијан Руиз и Родри имаа премногу време и простор за игра. Недостигот од комуникација при пресингот нè чинеше многу. Мислам дека требаше подобро да комуницираме кога игравме „човек на човек“ и да ги натераме повеќе да трчаат по нас“, изјави Мбапе.
Тој откри дека планот на Франција бил да изврши висок пресинг и да не ѝ дозволи на Шпанија да ја наметне својата препознатлива игра со долг посед на топката. Сепак, шпанските фудбалери постојано успевале да го пробијат пресингот и брзо да ја враќаат топката веднаш штом Французите ќе дојдат до неа.
„Не ја игравме играта што ја посакувавме, ниту технички, ниту тактички. Кога во полуфинале на Светско првенство не го правиш тоа што треба, не можеш да победиш“, додаде францускиот капитен.
Според него, Франција не ги искористила ниту моментите кога можела сериозно да му се закани на противникот.
„Бевме премногу технички непрецизни. Не успеавме да создадеме опасност кога ги имавме шансите“, заклучи Мбапе.
И покрај елиминацијата, Мбапе останува меѓу најдобрите стрелци на Светското првенство со осум постигнати голови, исто колку што има и Лионел Меси.
Дешамп го обвини судијата за поразот на Франција во полуфиналето
Фабијан Руиз е во неверојатна низа — кога е тој на теренот, Шпанија никогаш не губи


