Пакистанци и Бангладешани ќе ни готват и ќе ни градат куќи — бизнисот бара спас во увоз на работници
Најкритична е состојбата во градежништвото, каде што недостигаат армирачи, ѕидари, фасадери, молери и помошни работници.
Минатата недела цел авион на работници од Пакистан пристигна во земјава – велат извори за „Слободен печат“. Станува збор за стотина работници што ги ангажираат македонските фирми со цел да го спасат својот бизнис. Најголем дел се градежни општи работници, но има и работници за во ресторани, помошници готвачи и по некој келнер. Ова е само дел од увезената работна сила во земјава од вкупно 10.000 работници за кои Владата даде амин на почетокот на годината. Во последните години Македонија се соочува со силен одлив на домашна работна сила кон Западна Европа. Илјадници работници заминуваат во Германија, Австрија, Словенија и Хрватска, каде што платите и условите се значително подобри. Тоа создава сериозен вакуум на домашниот пазар, кој сè потешко се пополнува.
Препорачано
– Без странски работници веќе не можеме да ги држиме фирмите во живот. Ќе ни готват и куќи ќе ни градат луѓе од Пакистан и од Азија, затоа што домашен кадар едноставно нема – вели еден скопски работодавач од градежниот сектор опишувајќи ја реалноста на пазарот на труд во Македонија.
Тој вели дека сè поголем број компании се соочуваат со недостиг на работници и се вртат кон увоз на работна сила од странство, пред сè од Бангладеш, Пакистан, Непал и Индија.
Најкритична е состојбата во градежништвото, каде што недостигаат армирачи, ѕидари, фасадери, молери и помошни работници. Компаниите велат дека работата не може да се заврши со домашен кадар, па се принудени да бараат работници од странство.
Исто така, сериозен недостиг има и во производството, каде што недостигаат оператори на машини, работници на производствени линии и магационери. Угостителството и туризмот исто така се соочуваат со недостиг на келнери, готвачи, собарки и хигиеничари.
Транспортот и логистиката не се исклучок, недостигаат возачи и работници во складишта, а трговијата сè почесто се потпира на странска работна сила.
Државна квота од 10.000 работници
За да се одговори на зголемената побарувачка, Владата за 2026 година утврди квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани, која стапи на сила на 16 јануари.
Од нив 9.750 се за редовно вработување, 200 за упатени работници и 50 за сезонска работа.
Во рамките на редовното вработување, 4.500 дозволи се за нови работници, додека 5.250 се за продолжување постојни дозволи.
Истата квота беше поставена и за 2025 година, додека во 2023 година изнесуваше 5.000 дозволи, што покажува двојно зголемување на потребите на стопанството.
Според законската рамка, странските работници не смеат да надминат 5 отсто од вкупно вработеното население, освен во случаи на стратешки проекти како Коридор 8 и Коридор 10Д, каде што дозволите можат да се издаваат и надвор од квотата.
Официјални бројки за дозволи
Во 2025 година, Агенцијата за вработување издала 8.509 позитивни мислења, додека Министерството за внатрешни работи одобрило 6.128 дозволи за привремен престој и работа.
Овие бројки покажуваат дека интересот за странски работници е голем, но и дека административниот процес не завршува секогаш со реално вработување.
Иако јавноста најчесто ги споменува Пакистан и Бангладеш, официјалните институции не објавуваат детална распределба по државјанство. Познато е дека најмногу работници доаѓаат од Турција, Бангладеш, Непал, Индија и од земјите од регионот. Сепак, агенциите за посредување потврдуваат дека интересот за работници од Пакистан е во пораст, особено во градежниот сектор и во угостителството.
Експертите посочуваат неколку причини: масовно иселување на домашната работна сила, ниска заинтересираност за физички работи и подобри понуди во странство. Од друга страна, работниците од Азија се подготвени да прифатат работни позиции што локалното население ги избегнува, а компаниите преку агенции полесно ги обезбедуваат.
Најбарани се градежни работници, заварувачи, електричари, машински оператори, келнери, готвачи, собарки, магационери, возачи и помошни физички работници. Станува збор за позиции што веќе подолго време остануваат непополнети со домашен кадар.
Синдикатите предупредуваат дека увозот на работници не е трајно решение и дека без подобрување на платите и на условите, проблемот ќе се продлабочува. Од друга страна, стопанските комори сметаат дека без странска работна сила многу компании би биле принудени да го намалат производството или да затворат дел од капацитетите.


