ЕЦБ ги отфрли барањата од банките за намалување на капиталните барања

Европската централна банка (ЕЦБ) ги отфрли барањата од банкарскиот сектор за намалување на капиталните барања, оценувајќи дека постојните нивоа на капитал не го ограничуваат кредитирањето и остануваат клучни за зачувување на финансиската стабилност.

Претседателката на Надзорниот одбор на ЕЦБ, Клаудија Бух, изјави на конференција на централни банкари во португалскиот Синтра дека нема докази дека повисоките капитални барања ги спречуваат банките да ја финансираат економијата, и покрај тврдењата на европските банки дека ублажувањето на регулативите ќе ја зголеми нивната конкурентност во однос на американските финансиски институции, пренесува Ројтерс.

Како што наведе таа, банките во Еврозоната имаат значителни капитални резерви и се доволно профитабилни за да продолжат да кредитираат на економијата, со истовремени исплати на дивиденди и откуп на сопствени акции. Сепак, ЕЦБ смета дека има простор за поедноставување на регулаторната рамка, вклучително и намалување на бројот на заштитни слоеви на капитал и поедноставно пресметување на капиталните барања, но без намалување на вкупното ниво на капитал што банките мора да го поседуваат.

Ставот на Европската централна банка доаѓа во време кога европскиот банкарски сектор го засилува притисокот врз регулаторите да ги олабават правилата за да ги направат европските банки поконкурентни со американските конкуренти, откако властите во Соединетите Американски Држави го започнаа процесот на дерегулација на банкарскиот сектор.

Капиталните барања претставуваат регулативи што ги обврзуваат банките да поседуваат одреден минимален износ на сопствен капитал во однос на ризиците што ги преземаат преку своето работење.

ЕЦБ пред клучна одлука – дали на Европа ѝ се заканува ново зголемување на каматните стапки?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот