Фото: EPA PHOTO FILES/CHRISTOPHE SIMON/AO

Теориите на заговор косат животи во ДР Конго

Гневни демонстранти запалија центар за третман на ебола во селото Бафвабанго, ДР Конго. Во нападот загина еден полицаец, а двајца беа повредени. Неколкумина заболени избегале од објектот, а центарот е целосно уништен и персоналот сè уште не се вратил на работа поради страв за сопствената безбедност.

Станува збор за група млади луѓе кои се обиделе да спречат безбедно погребување човек за кој постоело сомневање дека бил заразен со ебола, иако семејството претходно дало согласност.

Првиот познат инцидент беше во Рвампара, каде што демонстранти запалија два шатора на хуманитарната организација АЛИМА со осум кревети, откако властите не дозволија семејството да го земе телото на човек за кој се сомневале дека починал од ебола. Семејството тврдеше дека човекот починал од тифус, а не од ебола.

Потоа беше нападнат и објект во Монгбвалу — дел од здравствениот центар беше запален, а 18 сомнителни случаи на ебола избегаа или исчезнаа.

Шестгодишно девојче, позитивно на ебола, и неговата мајка пред две недели беа киднапирани од здравствен центар во близина на Бутембо од вооружени напаѓачи, а и други потврдени или сомнителни пациенти со ебола беа грабнати.

Подметнати пожари и убиства

Вакви инциденти имало и во минатото. Во епидемијата 2018–2020 година во Северен Киву и во Итури, Светската здравствена организација (СЗО) регистрираше 3.481 случај на ебола и 2.299 смртни случаи. Во истиот период, насилството врз здравствениот систем беше една од главните пречки во борбата против вирусот.

Во 2019 година беа документирани околу 390 напади врз здравствени објекти, со 11 убиени здравствени работници и со 83 повредени здравствени работници и пациенти. Друг безбедносен извештај бележи 43 подметнати пожари врз здравствени објекти во првите 11 месеци од 2019 година.

Актуелниот бран е во источниот дел на земјата, особено во Итури и во Северен Киву.
СЗО била известена на 5 мај 2026 за болест со висока смртност во зоната Монгбвалу, Итури, а на 15 мај лабораториски бил потврден вирусот „бундибуџо“, вид на ебола. На 25 јуни веќе имаше 1.155 потврдени случаи и 304 смртни случаи, а на почетокот на јули проценките пораснаа на 1.406 заразени и 438 починати. За овој сој во моментов нема одобрена специфична терапија и нема готова вакцина, што дополнително ја усложнува реакцијата.

Разгневена толпа запали болнички центар за ебола во Источно Конго, загина полицаец

Еден од четворица мисли дека еболата не постои

Бидејќи станува збор за епидемија што сè потешко се држи под контрола, потребен е разумен и внимателен пристап. Но, стравот, културолошките, економските, социјалните и политичките фактори понекогаш доведуваат до ирационални реакции, кои можат да станат особено опасни кога ќе прераснат во агресивни напади подгреани од психологијата на толпата. Во контекстов, помеѓу другото, станува збор и за теории на заговор кои се многу опасни.

Првин, многумина веруваат дека еболата е измислена или злоупотребена. Истражување од 2019 година во источниот дел на земјата покажало дека еден од четворица испитаници не верувал дека еболата е реална, а луѓето со поголема недоверба поретко барале третман, вакцинација или пријавувале контакти. Друго истражување бележи ставови дека еболата е „заговор“ на странци, фармацевтски компании, на влади, станува збор нафтени интереси, па дури и дека вакцините и лековите служат за стерилизација или за намалување на населението во Киву.

„Форма на геноцид“

Друг фактор е политичкото искуство што ја храни недовербата на населението. За време на епидемијата 2018–2020 година, изборите во некои подрачја беа нарушени или одложени поради ебола, па дел од населението ја доживеа болеста како политичка алатка за исклучување од гласање. Во заедниците се ширеле тврдења дека „ебола не постои“, дека е начин властите и странските организации да заработат пари или дека станува збор за форма на геноцид.

Сегашната дезинформациска средина е уште посилна поради социјалните мрежи. Фондацијата „Конрад Аденауер“ во мај 2026 бележи дека на Тикток и на други мрежи се шират видеа во кои еболата се претставува како „политичка измислица“ нарачана од претседателот Феликс Чисекеди.

Најчест повод е погребот. Телата на починати од ебола се многу заразни, па здравствените тимови спроведуваат „безбедни и достоинствени погреби“ –без традиционално миење, допирање или носење на телото од семејството. За семејствата тоа честопати изгледа како државата или странците да им го „одземаат“ починатиот. Токму таков спор околу телото на починат човек доведе до палењето на шаторите во Рвампара.

„Кој влегол не се вратил“

Центарите за ебола во очите на дел од населението стануваат место каде што луѓето „влегуваат и не се враќаат“. Кога пациентите умираат во изолација, без нормален контакт со семејството, се раѓаат гласини дека лекарите ги убиваат, дека се платени, дека кријат што навистина се случува. Локални жители ги обвинуваат здравствените работници дека се платени или дека убиваат пациенти, а и новинари биле обвинувани дека учествуваат во заговор за измислување на болеста.

Третиот фактор е војната. Во Итури и во Северен Киву има вооружени групи, масовно раселување, патиштата се небезбедни, а некои здравствени зони се недостапни за властите. Во првите три недели од прогласувањето на епидемијата имало најмалку 520 безбедносни инциденти во погодените области.

Во таков амбиент, здравствени тимови со заштитни костуми, полиција, војска и странски организации лесно се доживуваат како дел од непријателски систем, а не како помош.
Иако оваа појава е разбирлива, сепак, таа е опасна бидејќи ирационалните верувања во случајов се опасни за самите жители, а зголемениот број жртви веројатно само ќе ги подгрее стравовите наместо да ги побие.

ВИДЕО | САД преку БиХ до осминафинале со Белгија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот