Русија го нападна Киев, најмалку 13 луѓе се убиени
Руските сили ноќеска извршија голем напад со дронови и ракети врз украинската престолнина Киев , при што загинале 13 луѓе и десетици биле повредени, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Неколку населби биле евакуирани додека нападите ги потресувале зградите низ целиот град, само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија се подготвува за нов напад.
Меѓу жртвите има и деца, изјави Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на Киев.
„Непријателот повторно намерно ги гаѓа станбените области и убива цивили“, изјави тој.
Во текот на ноќта се слушале силни експлозии и бил активиран системот за противвоздушна одбрана во повеќе делови од градот.
Низ градот избувнале повеќе пожари, а е пријавена штета на амбулантна станица, при што најмалку еден човек е критично повреден.
Пожарникарите исто така гаснеле пожар кој зафатил хотел на централен булевар.
Државната служба за вонредни состојби соопшти дека 13 луѓе се загинати, а повеќе од 30 се повредени.
Досега се спасени 34 луѓе, а спасувачките операции продолжуваат на погодените локации, меѓу кои и повеќекатна станбена зграда и куќи во југоисточниот дел на Киев.
„Уште една ужасна ноќ за жителите на градот, кои беа принудени да ја поминат во засолништа. Пожари и уништување на цивилна инфраструктура и станбени згради во повеќе делови од градот“, напиша украинската амбасадорка во САД, Олга Стефанишина, на „Икс“.
Ова е прв голем руски напад со ракети и со дронови врз Украина во последните повеќе од две недели.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека биле погодени и воени бази во централна и во источна Украина.
Се тврди дека биле таргетирани украинска одбранбена и енергетска инфраструктура како одговор на неодамнешни напади врз руски електроенергетски објекти од Москва до Црното Море.
Нападите довеле и до ретко признание од рускиот претседател Владимир Путин дека земјата се соочува со недостиг на гориво.
Зеленски вчера ја прекинал својата посета на Даблин откако добил нови разузнавачки информации за можен напад.
„Ги повикувам луѓето да бидат особено внимателни, да се заштитат себеси, своите деца и семејства“, изјави тој.
Тој додаде дека рускиот претседател Путин „веќе подолго време го подготвува овој масовен напад врз Украина“.
Руските трупи неодамна напредувале во градот Костјантинивка, еден од клучните украински упоришта на истокот. Ако Москва го заземе градот, тоа би отворило пат кон целиот регион Донбас.
Во меѓувреме, украинските команданти тврдат дека оваа година повторно освоиле повеќе територија отколку што изгубиле, нарушувајќи ги клучните руски линии за снабдување меѓу границата со Русија и со окупираниот Крим.
Воените операции на терен веќе со месеци се во застој, со тоа што двете страни се утврдени на своите позиции.
Русија контролира околу една петтина од украинската територија, најмногу заземена во првите месеци од целосната инвазија во февруари 2022 година.
Повеќето руски војници преживуваат само 20 минути на фронтот, тврди нов извештај


