Долгото трпење меѓуврсничко насилство носи ризик од самоубиствено и ризично однесување на жртвата
На Клиниката за психијатрија во Скопје, речиси и да нема дежурство без нов случај на семејно, партнерско или врсничко насилство, а особено загрижува порастот на насилството врз деца и сериозните последици што ги остава кај адолесцентите, предупредува директорката на Клиниката, професор доктор Славица Арсова Хаџи Анѓелковска. Таа за „Слободен печат“ вели дека во последните неколку месеци значително е зголемен бројот на жртви кои бараат психијатриска помош поради различни форми на насилство, при што најчести жртви се жените и децата.
Препорачано
-На секое утринско реферирање по дежурствата има најмалку една пријава за насилство. Речиси секоја вечер имаме по еден, два или три случаи, а сè почесто се регистрира и насилство од родител кон дете, истакна Хаџи Анѓелковска за „Слободен печат“.
Според директорката, насилството е негативен општествен феномен кој бележи пораст не само во земјава, туку и глобално. Причините, вели, се комплексни и вклучуваат промени во општеството, отуѓување и сè помало присуство на емпатија.
-Денес емпатичноста сè почесто се доживува како слабост, наместо како човечка вредност. Тоа создава амбиент во кој агресивното однесување полесно се прифаќа, вели професорката.
Таа објаснува дека кај адолесцентите најсилната потреба е да бидат прифатени од врсниците, па доколку не успеат да се вклопат во позитивниот образец на однесување, често се идентификуваат со најагресивните членови на групата.
-На возраст од 13 до 17 години најголем страв е да не останат сами и да не бидат отфрлени од друштвото. Поради тоа, дури и кога знаат дека одредено однесување е морално и општествено неприфатливо, го прифаќаат само за да бидат дел од групата, предупредува Хаџи Анѓелковска.
Според неа, насилното однесување не се создава во адолесценцијата, туку најчесто се учи многу порано – во семејството.
-Децата кои растат во дом каде што родителите се навредуваат или физички се повредуваат, таквото однесување го доживуваат како нормално. Тие обрасци се препознаваат уште во градинка, но често се оправдуваат со реченицата „ајде, дете е“. Всушност, проблемот почнува многу порано отколку што мислиме, истакнува таа.
Арсова предупредува дека долготрајното врсничко насилство може да има драматични последици по менталното здравје на младите.
-Најголем ризик гледаме кај деца кои со години трпат малтретирање, а никому не кажуваат затоа што се срамат или се плашат. Кај нив постои огромен ризик од самоповредување, сечење на делови од телото што не се видливи, па дури и самоубиствено однесување. Самоубиствата во адолесцентниот период многу често се последица на долгогодишно врсничко насилство, предупредува директорката на Клиниката.
Таа додава дека лекувањето не може да биде насочено само кон детето, туку мора да го опфати целото семејство.
-Работиме со психијатри, психолози, родителите и со сите членови на семејството, бидејќи најчесто постои нарушена семејна динамика која мора да се промени. Ако се третира само детето, а не и средината во која живее, проблемот останува, вели Хаџи Анѓелковска.
Според неа, во последниот период се бележи и пораст на случаи на насилство од страна на родители, почесто татковци отколку мајки, што дополнително ја продлабочува загриженоста за состојбата со менталното здравје и семејните односи во општеството.


